Интересот за претставите на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово, чие јубилејно 25. издание започна на 28 септември, е огромен, а смеата продолжува и денеска, 1 октомври (сабота), во 20 часот, со „Славната Флоренс“ во изведба на Атеље 212 од Белград.

Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ публиката на големо се забавува проследувајќи ги театарските претстави од Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија, (вкупно 12).

По претставата „Приватни животи“ на Градскиот театар Винковци, „Власт“ на Штипскиот театар и „Да, инспекторе“ на Прилепскиот театар, следуваат, агенцијата „Импресарио“ од Белград со „Позови М ради ужитка“, која ќе се одржи во понеделник (3 октомври), на 4 октомври настапува театарот од Струмица со „Паника во хотел Палас“, а наредниот ден Драматичниот театар Ловеч со „Службогонци“. Приштинскиот театар ќе настапи на 6 октомври со „Сомнително лице“. И годинава гостува  Битолскиот театар со „Малиџано“, театарот од Тетово со „Малограѓанска свадба“, Велешкиот со „Слуга на двајца господари“, а фестивалот традиционално го затвора Кумановскиот театар со „Секс и лаги“.

Втората вечер, по штипската претстава „Власт“, публиката до раните утрински часови одлично се забавуваше со стендап настапот на младите кумановски актери: Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ, Чедомир Митевски, Ангела Стојановска, како и на Тино и Атанас од Театар комедија од Скопје.

На самото отворање на фестивалот „Денови на комедија“ беше доделена наградата „Васил Иљоски“, овој пат на актерот Благоја Чоревски за особен придонес во театарска уметност.

„Ова е признание за нешто што јас навистина сум го правел во животот и во мојата професија. И секако, вие публико, сте тие што ме одржувате во живот и на сцена и воопшто. Вие сте мојот пат, мојата поддршка, мојата магија, без вас јас не би постоел. Ви благодарам“, меѓу другото, посочи Чоревски пред многубројната публика.

Првиот човек на Министерството за култура, кое година го поддржа фестивалот со милион денари, Бисера Костадиновска Стојчевска, пак, на отворањето истакна дека Куманово има своја традиција на шегување и на негување на комедијата уште каква што била на почетоците. „Со овој фестивал, кој сериозно расте веќе 25 години, илјадна публика се весели и се разонодува, но и се замислува, зашто комедиите не се само забава, тие често и опоменуваат и ни даваат друг поглед на стварноста“, истакна Костадиновска-Стојчевска на отворањето.

Годинава, ќе се доделат награди за најдобар актер и актерка, претстава, режија, сценографија и костимографија.

Општина Куманово го поддржа фестивалот со 450 илјади денари. (Д.Т.)