Фред и МекТоминеи не се доволно добри!

78

Манчестер Јунајтед за противник во првото коло од новата сезона во англиската Премиер лига го имаше секогаш незгодниот тим на Брајтон. Тимот кој за време на летниот преоден рок беше превземен од трофејниот холандски стручњак, Ерик тен Хаг, под чие водство клубот од „Олд Трафорд“ треба да доживее голем рестарт, го загуби натпреварот со 2:1.

„Црвените ѓаволи“ за девет минути примија два погодока кои беа дело на германскиот интернационалец, Паскал Грос. На почетокот од второто полувреме Тен Хаг му даде шанса и на португалскиот интернационалец Кристијано Роналдо, а почесниот погодок за Јунајтед, беше автогол на Алексис МекАлистер.

Сосема очекувано, најверните фанови на Јунајтед беа максимално разочарани од играта и од резултатот, а убедливо најгласен во критиките беше поранешниот капитен на „црвените ѓаволи“, Рој Кин, кој моментално работи како стручен коментатор за „Скај Спорт“. Легендарниот репрезентативец на Ирска е познат по тоа дека нема влакна на јазикот кога е во прашање неговиот поранешен клуб.

  • На играчите за врска на Манчестер Јунајтед им недостасува фудбалска интелегенција, особено на Фред. Зборам за ова веќе подолг временски период. Едноставно кажано, Фред и МекТоминеи не се доволно добри. Тие двајца нема да го однесат Јунајтед во борбата за врвот. Од недела во недела ние гледаме дека не се доволно добри, не се дораснати за задачата која е ставена пред нив, изјави Кин.

Освен по репрезентативците на Бразил и Шкотска, поранешниот капитен на Јунајтед „удри“ и по клупската управа која не смее да му дозволи на Роналдо да си замине од „Олд Трафорд“.

  • Има многу ПР од клубот откако Тен Хаг е именуван за менаџер. Најпосле почнале да тренираат како што треба? Фала му на Господ! Па тоа им е работа. Кога е во прашање Роналдо, на него клубот не смее да му дозволи да си замине. Потоа треба да бидеме убедени дека Марсијал е одговорот кога е во прашање напаѓачката позиција. Едноставо кажано, Марсијал не е одговорот. Имал пристојна предсезона. И што тогаш?, додаде Кин.