На центарци полесно им е да ги паркираат возилата на улица, иако некои од нив имаат гаражи

1634

Жителите на Центар сè уште се жалат на проблемот со узурпирањето на тротоарите и нерешениот проблем со паркирање, кое е особено изразен во централното градско јадро. Велат дека иако становите и куќите имаат гаражи, тие не се користат. Некои не ги користат поради тоа што едноставно ги мрзи да ги остават во гаражите, па паркираат на улиците и ги узурпираат тротоарите, а со тоа ги доведуваат во опасност пешаците и велосипедистите. Додека други, упатуваат на сериозен проблем дека не се во можност да ги користат гаражите.

Јана Белчева од Советот на Општина Центар смета дека нема волја да се реши проблемот со паркирањето.

Ако се градат неупотребливи подземни паркинзи, просторот за безбедно движење на децата ќе им го земаат колите паркирани по тротоари, вели таа

Жителите на Центар сè уште се жалат на проблемот со узурпирањето на тротоарите и нерешениот проблем со паркирање кое е особено изразен во централното градско јадро. Велат дека иако становите и куќите имаат гаражи, тие не се користат. Некои не ги користат поради тоа што едноставно ги мрзи да ги остават во гаражите, па паркираат на улиците и ги узурпираат тротоарите, а со тоа ги доведуваат во опасност пешаците и велосипедистите. Додека други упатуваат на сериозен проблем дека не се во можност да ги користат гаражите.

– Сите станови и куќи имаат гаражи. Треба да ги користат, но општината не ни дава – децидна е Мартина Мартиновска, која го изложи нивниот проблем што се провлекува повеќе од 15 години.

Таа вели дека нејзината и уште неколку куќа се наоѓаат сред пазарчето Буњаковец. Тие имале улица за пристап до дома со автомобил по која можеле да дојдат до гаражата за да се паркираат, но не можат да ја користат бидејќи, како што објасни Мартина, Општина Центар ја продала на Скопски пазар, па за да дојдат до гаражите треба да вртат од спротивната страна.

– Во времето на приватизацијата пазарот се прошируваше и од тогашните 243 квадратни метри, станаа 2.000 квадратни метри, па неколку куќи останаа внатре во пазарот. Конкретно, мојата тераса гледа на тезга од пазарчето. Претходниот градоначалник на Општина Центар, пазареше постојано од таа тезга и знаеше за проблемот. Згора на тоа и се продава пристапната улица. Каде го има тоа  –  прашува Мартиновска и додава дека од Општината Центар им било ветено дека ќе им се врати улицата со експропријација, но еве веќе 15 години тоа не се случило. Тие бараат да се донесе ДУП за Дебар Маало 2, бидејќи постојниот е од 2012 година.

Јана Белчева од Советот на Општина Центар смета дека нема волја да се реши проблемот со паркирањето.

– Решенија има, дали има волја да се применат? Ако се градат неупотребливи подземни паркинзи, просторот за безбедно движење на децата ќе им го земаат колите паркирани на тротоарите . Бесплатен или евтин паркинг се најпогубни популистички чекори, но бараат силно и гласно мнозинство за да се сменат – смета Белчевска, нагласувајќи дека од Шанса за Центар ќе продолжат да се залагаат за решенија по мерка на човекот!

Од Општина Центар тврдат дека работат на решавање на проблемите на граѓаните кои живеат во околината на пазарот Буњаковец.

– Градоначалникот Горан Герасимовски имаше и средба со жителите од околните згради, на која присуствуваа и претставници од раководството на Скопски пазар, каде што се дискутираа можни решенија за овој дел од Центар – велат од локалната самоуправа.

Воедно, негираат дека пристапната улица е продадена некому и признаваат дека Скопски пазар треба да ги повлече тезгите од тротоарот, додека дел од жителите ги имаат под кирија издадено куќите кои се наоѓаат на самата улица и ги користат пазарџиите. 

– Општина Центар од жителите бара вклученост кога предлог Деталниот урбанистички план ќе биде во фаза на јавна анкета и трпение додека не се донесе новиот ДУП за делот кај пазарот Буњаковец – порачуваат општинските власти.

Од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ЈП ПОЦ) одговорија дека  континуирано преземаат мерки за решавање на проблемите со паркирањето, како што се: воведување на нови паркиралишта, стимулирање на користење на алтернативен превоз, секојдневно санкционирање на неправилното користење на резидентните зони, како и отстранување на непрописно паркирани возила на цела територија на општината.

Што се однесува до узурпираните тротоари од непрописно паркираните возила, од ЈП ПОЦ велат дека ќе ги засилат контролите на терен со цел на жителите да им овозможи непречен пристап до нивните гаражи.

(А.П.)