Партиите го стеснуваат кругот околу кандидатите за градоначалници

77

За еден месец отприлика ќе бидат познато кој со кого ќе се трка за градоначалничката фотелја. Партиите тактизираат, ќе претставуваат кандидати во неколку пакети, но засега мал е бројот на општини во кои дефинитивно се знае кои ќе бидат партиските фаворити за претстојните избори.

Деновиве од „Бихаќка„ го потврдија списокот со трисесеттина имиња кои ќе бидат нивни кандидати за изборите во октомври, а деновиве тоа ќе го сторат и од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму брифираат дека анализите финишираат и дека до крајот месецот и тие ќе го објават првиот пакет со имињата на кандидатите за градоначалници.

Во јавноста како можен противкандидат на Петре Шилегов за Скопје се споменува поранешниот градоначалник Коце Трајановски, но од ВМРО-ДПМНЕ официјално не ја потврдуваат оваа информација. Пратеникот Антонијо Милошоски деновиве за медиумите потврди дека Кирил Пецаков, актуелен пратеник во Собранието ќе биде нивни кандидат за градоначалник на Охрид.

– Нашиот фаворит за Општина Охрид ќе биде актуелниот пратеник Кирил Пецаков кој што претходно бил и советник во Општината Охрид, добро им е познат на граѓаните, ја исполнува својата должност, познат е и во лекарската фела како стоматолог, и меѓу спортистите како ракометар и сметаме дека може на Охрид да му го врати сјајот кој што во овие неколку години наназад Охрид го изгуби, па дури се најде и на црвената ризична листа на УНЕСКО, рече Милошоски.

Засега сеуште е неизвесно дали Митко Јанчев ќе добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за да се кандидира за втор мандат за градоначаник на Кавадарци. Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски неодамна во интервју за весникот ВЕЧЕР изјави оти кавадарчани се задоволни од работењето на Јанчев, но дали ќе добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ќе одлучат органите на партијата.

Привршуваат анкетите за можните кандидати и во албанскиот блок. Албанските партии веќе имаат претстава во која општина ќе излезат со кандидати, а каде битките ќе ги водат само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Интегративците на Али Ахмети размислуваат и на овие избори да излезат со познати и искусни политичари. Освен зелената агенда, според досегашните информации од Мала Речица, не се размислува за големи изненадувања во предизборието.

Теута Арифи за Тетово, Рамиз Мерко за Струга, Хекуран Дука за Дебар и Невзат Бејта за Гостивар се само дел од фаворитите на Ахмети за овие локални избори. Како што претходно објавивме, извесно е дека во Кичево, ДУИ ќе го предложи Фатмир Дехари за нивни кандидат, иако засега нема дефинитивна одлука за оваа општина.

Без конкретни имиња за дел од општините, веќе е извесно дека Арбен Таравари повторно ќе се бори за Гостивар како кандидат на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Заеднички настап на локалните избори со порака „Излези од маглата„ најавија ЛДП предводена од Горан Милевски и ДОМ на чело со Маја Морачанин.

Се претставија како граѓанско движење на центарот кое заеднички ќе настапи на претстојните локални избори за, како што велат, да дадат алтернатива на македонската политичка сцена.

На локалните избори ќе излезат како трета опција бидејќи сметаат дека градоначалниците и советниците треба да бидат луѓе со интегритет кои ќе го остварат тоа што го ветуваат.      (Ј.Ц.Г.)