ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Внатрешна хармонија

96

Акумулираните сознанија, духовноста, истрајноста и стекнатите искуства, најмногу ќе ни помогнат во граничните ситуации на животот, кога се соочуваме со дилемата: да се биде или не. Кога се чини дека сè тргнало наопаку, тогаш е вистинскиот момент да ја примениме позитивната ментална верба дека сепак ќе ја оствариме својата цел, само ако истраеме и не потклекнеме пред искушенијата. Ако почнеме да размислуваме дека се наоѓаме во безнадежна ситуација, таквата ментална состојба ќе ги привлече негативните вибрации кои на крајот ќе нè поразат. Наместо тоа, треба да мислиме дека околностите ќе се променат во наша корист – и да продолжиме понатаму.

Според будистичката философија сите ние се соочуваме и со многу удари на судбината, бидејќи сите носиме одредена карма, некои луѓе повеќе, некои помалку. Но, ако доминира моќта на кармата, единствено со висока свест и со духовност ќе успееме да го ублажиме нејзиното влијание, зашто нема да дозволиме таа да нè влече, туку ќе се водиме врз основа на дармата (правилно и морално постапување). Со духовна концентрација и себенадградба, како и со проникнување во судбинските текови на сопствениот живот, кармата ќе стане наш сојузник и учител – таа ќе ни помогне да ги препознаеме вистинските вредности и да го направиме правилниот избор. Затоа, без знаење нема напредок, без пат кон духовноста нема спас, без практикување на етичките начела нема моралност, а без чистење на лошата карма, нема внатрешна хармонија и остварување на позитивната животна мисија.

Себеосознаениот поединец многу добро знае дека не постои знаење, мудрост и себеспознание, доколку не се вложува во теоретското осознавање на нештата (мора да се чита и ментално да се проникнува во нештата), како што не постои воспоставување на моралот и вредностите, доколку не постои и практична насоченост кон доброто. Имено, никој не станал мудар, само затоа што се родил мудар, туку затоа што навлегол во темпото на животот, се соочил со разните искушенија и ограничувања, научил да не потклекнува пред ударите на судбината и почнал да реагира соодветно на своите ментални и духовни капацитети.

Луѓето треба да сфатат дека не губат ништо со практикување на духовноста, напротив, губат доколку опсесивно и се подредуваат на материјалноста, бидејќи е докажано дека многуте пари и големото богатство не гарантираат среќа, хармонија и исполнетост. Од друга страна, поразително е да живееме во тотален аскетизам, со тоа што ќе се изолираме и дистанцираме од телесните задоволства, кои, пак, доколку се умерено присутни, исто така, умеат да го крепат духот на човекот. Во тој контекст одат и зборовите на св. Тома Аквински: „Врз основа на вредноста на духот, ќе произлезат и вредностите на телото, тие две нешта се тесно поврзани“. Тој сметал дека среќата е недостижна за лицата кои исклучиво ги бараат задоволствата на телото. Св. Августин пак, потенцирал дека е неопходно да се елиминираат сите задоволства на телото и човекот исклучиво да ита кон задоволствата на душата. Но, гледано од аспект на современиот концепт на живеење, Тома Аквински искажал многу пореална согледба. Отфрлајќи го ставот на Августин, според кој човекот се изедначува со душата, а телото се смета за орудие на душата, Аквински се обидел да го елиминира радикалниот раскин помеѓу душата и телото и да го истакне психофизичкото единство на човекот. Со овој став се согласува и познатиот австриски психијатар Виктор Франкл, кој тврдел дека „човекот е единство на духот, душата и телото“.

Тоа значи дека човекот иако е должен да живее според духовните начела, сепак е детерминиран и од своите физиолошко-телесни потреби – тие го условуваат да создава материјални добра и да им се препушта на телесните задоволства. Впрочем, сите ние живееме во материјален свет во кој имаме и многу обврски: семејни, работни, професионални; обврски како членови на одредена заедница; како припадници на одреден етникум; па на крајот и обврска да придонесуваме за напредокот на човештвото.

            Човекот не треба да биде дистанциран од современиот начин на живеење и да се повлече во „пештера“, тој мора да влезе во светот со свое учество и со целото битие да ги посведочи сите аспекти на сопственото постоење. Притоа, добро е да влезе во светот со осознавање на духовните вредности, но и со доживување на задоволствата, кои подоцна, нема да му предизвикаат душевна болка и телесно страдање. Зашто, како што потенцирал Зигмунд Фројд, човекот е суштество кое целосно зависи од реализацијата на своите нагони, така што максимално е воден од волјата за уживање и од потребата за задоволства. Затоа, неопходно е да ги препознаеме принципите што ќе нè одведат кон  задоволствата, но и да ги осознаеме причинителите што можат да ни ги создадат болките и страдањата. Најбитно е отворено и непристрасно да ги согледаме околностите што ги иницираат немирот и фрустрацијата, без оглед дали се работи за омраза, алчност, егоизам, бес, заслепеност, љубомора или пак, тврдоглавост.

Значи, многу фактори можат депримирачки и деградирачки да влијаат врз нашата свест и да ја урнат духовната структура на нашата личност. Сите овие психички аномалии можат и мораат да бидат согледани, анализирани и елиминирани, но тоа ќе го постигнеме, само доколку почнеме да работиме на внатрешната хармонизираност. Впрочем, ништо на светот не му помага на човекот толку делотворно, дури и во најголемите искушенија и тешкотии, како себеспознавањето и практикувањето на духовната смисла од своето постоење. Секој поединец може да се воздигне над страдањата и да ги победи слабостите на сопствениот карактер, потребно е само да се насочи кон остварувањето на некое дело и кон доживувањето на одредена вредност.

Себеспознанието и духовниот развој секогаш се показател дека ќе направиме добар избор во животот, дека ќе знаеме кога да бидеме внимателни, а кога да бидеме активни и дејствителни.

Затоа, главниот акцент е духовен развој и себеспознание, јасна претстава за сопствените вредности, негување на тие вредности и следење на импулсите на умот, срцето и вербата. Притоа треба да се соочиме и со тезата дека и надворешниот фактор може да влијае врз нашиот систем на вредности и да нè оддалечи од личниот развој и внатрешната хармонија. Но, кога се имаме себеси, кога знаеме кои сме и што сме, тогаш нема да дозволиме надворешните вибрации да нè поколебаат и да ни ги деструктуираат вредностите на личноста.

Најбитно е да бидеме позитивни и отворени за сè што нè стимулира и поттикнува кон себеразвојот и напредокот.

Заклучокот е да веруваме во сопствените вредности, кои мора да се градат врз духовниот темел и врз чувството дека суштински ги поседуваме. Притоа, чувството на вредност и самодоверба не смее да биде плод на фикција: дека сме вредни и способни, дека ќе се експонираме, дека ќе успееме, иако длабоко во нас не постои силна ментална и духовна суштина врз која го темелиме тоа уверување.

Инвестирањето во личната надградба, позитивниот пристап, духовноста и вербата дека ќе успееме се основните аспекти за остварување на целите и постигнување напредок во своето постоење.

Сè е во смиреноста, таа не е лесно да се постигне, но кога ќе се постигне тогаш имаме сè што ни е потребно – мир со себе, опуштеност, прифаќање на судбината, љубов во срцето, хармонија и убавина на душата. За да ги оствариме овие нешта, потребно е да се определиме за духовната вредност, бидејќи духовните личности живеат многу поблагородно, оставајќи им на поколенијата во аманет многу подлабоки вредности и дела, кои ќе ги инспирираат и водат низ животот.