Смена на втората позиција најбогати на светот: Бернард Арно го претекна Маск

168

Основачот на компаниите „Tesla“ и „SpaceX“, Илон Маск, повеќе не е вториот најбогат човек на светот. Богатството на Маск се намали за 6,2 милијарди долари, што го спушти на третото место на листата на „Forbes“ на најбогати луѓе на светот.

На прво место се уште е Џеф Безос, основачот на Амазон, со богатство вредно 175 милијарди долари, а Маск на второто место според богатството, го надмина Бернард Арно, директорот на компанијата за луксузни производи LVMH (Louis Vuitton Moët Hennessy), чие богатство се проценува на 154 милијарди долари.

Падот на богатството на Маск започна во средата, кога изгуби околу 6,5 милијарди долари. Некое време беше на третото место, но потоа промените на пазарот го вратија на второто место.

Сепак, како што пренесува „Entepreneur“, денешниот ден не му одеше во прилог, со оглед дека акциите на „Tesla“ паднаа за 5 отсто. Богатството на Маск сега е проценето на 150,9 милијарди долари.

Иако ова може да биде нормално однесување на пазарот и многу е можно да се врати на „старо“ во блиска иднина, Маск засега ќе мора да му ја даде круната на друг милијардер – Бернард Арно, сопственик на конгломератот „LVMH“, со богатство од дури 155,6 милијарди долари.

Во „LVMH“ спаѓаат повеќе од 70 луксузни брендови: Луј Витон, Кристијан Диор, Фенди, Живанши, Марк Џејкобс, Фенти Бјути, Булгари, Тифани, Сефора…

До пред еден месец, на првaта позиција на листата на најбогати се менуваа Илон Маск и Џеф Безос, сопственикот на Амазон. Сепак, Безос сега му „бега“ на Маск за скоро 25 милијарди долари, бидејќи неговото моментално богатство се проценува на 175,4 милијарди долари.

Пред само десет дена, акциите на Тесла паднаа за 25 отсто, а Маск загуби повеќе од 15 милијарди долари во еден ден. Во тоа време, 49-годишниот милијардер беше „тежок“ 166,1 милијарди долари.