Бугарија ќе каже „не” за старт на преговорите со Македонија во декември  

Бугарија ќе каже дека не е време за меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, и во моментов зборува во име на владата, изјавил бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов. Тој објаснува дека Македонија имала три години време да се превоспита и дека не го почитува Договорот за добрососедство. Додава дека поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, три години не сторил ништо за подобрување на билатералните односи. Бугарија нема што да менува во својата политика, вели Каракачанов. Овие луѓе немаат намера да водат искрен дијалог со Бугарија. Тие мислат дека можат да ги прикријат работите. Тие замислуваат дека некој во Брисел или низ целиот свет ќе ја притисне Бугарија и ние ќе клекнеме, вели Каракачанов. „Кога некој не е подготвен да се појави во прво одделение, има предучилишна подготовка”. Земјата претседавач со Унијата, Германија, пак, порача дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување и дека во интерес на нашиот источен сосед е да не го блокира проширувањето на ЕУ

136

Бугарија нема да се спротивстави, но ќе каже дека не е време да се закаже датум за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов. Тој за бугарската ТВ-Европа истакнува дека никој не сака да се воведат нови критериуми за Македонија, но оти постои многу јасен услов на ЕУ: секоја земја кандидат за членство мора да ги расчисти проблемите со соседите пред да започне преговори, пренесува БГНЕС. Каракачанов упатува и критики кон поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, дека три години не е направено ништо за подобрување на билатералните односи, како и кон копретседавачот на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев.

 -Бугарија треба да се спротивстави на првата меѓувладина конференција, ако држи до националните и европските интереси. Пред неколку дена копретседателот на Заедничката комисија, Драги Ѓоргиев, имаше остро однесување. Тие луѓе немаат никаква намера да водат искрен дијалог со Бугарија. Сметаат дека може да ги прикријат работите. Си вообразуваат дека некој во Брисел или во светот ќе ја притисне Бугарија и ние ќе потклекнеме. Очигледно не разбрале што е ЕУ и како функционира. Имаа три години да се превоспитаат. Бугарија нема да се спротивстави, но ќе каже дека не е време да се закаже датум за одржување на првата меѓувладина конференција. Кога некој не е подготвен да се појави во прво одделение, има предучилишна подготовка. Во моментов зборувам во име на владата, изјави Каракачанов.

Каракачанов тврди дека Бугарија нема што да менува во својата политика.

-Во октомври минатата година многу јасно кажавме дека ако не се почитува Договорот за пријателство меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2 август 2017 година, ќе се спротивставиме на закажувањето на првата меѓувладина конференција, вели Каракачанов.

Според Каракачанов, ваквиот став на Бугарија бил резултат на непочитувањето на билатералниот Договор од страна на Северна Македонија. Поради тоа, лани во октомври бугарските власти ја усвоиле „рамковната позиција“ и го вклучиле светлото за да го потсетат Скопје дека нема никаков напредок, туку само имитација. Тој истакнува дека Договорот на Македонија со Грција бил многу посуров, а во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е напишано што треба да направи секоја од страните, но македонската страна не го почитувала.

Премиерот Зоран Заев во средата изјави дека Гоце Делчев е македонски револуционер, но факт е дека Бугарите го сметаат за бугарски. Заев порача во историските личности треба да гледаме можност за зближување и истакна дека ние го имаме Делчево, град што го носи името на револуционерот, Бугарите го имаат градот Гоце Делчев, а негови споменици има насекаде.

 -Заедно се поклонивме со премиерот Бојко Борисов и на споменикот на Делчев во Благоевград и на гробот на Гоце Делчев во Скопје, рече Заев.

Тој најави дека за прашањето за Гоце Делчев ќе разговара на средбата со Борисов што очекува да се случи пред 10 ноември во Софија, односно непосредно пред самитот на берлинскиот процес со кој копретседаваат Бугарија и Македонија и којшто треба да се одржи во Софија. Тоа би била прва средба на македонски и бугарски високи функционери по испраќањето на т.н. објаснувачки меморандум на Бугарија до земјите членки на ЕУ.

Официјална Софија со меморандумот бара во преговарачката рамка на ЕУ со Македонија да влезат и прашањата за националноста на Гоце Делчев, македонскиот јазик и малцинствата. Македонската Влада реагираше дека уцените не се решение, а земјата претседавач со Унијата, Германија преку амбасадорката во земјава, Анке Холштајн порача дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на Европската Унија, туку тие треба да се решаваат билатерално. Холштајн истакна дека во интерес на нашиот источен сосед е да не го блокира проширувањето на ЕУ.

Аналитичарот и претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Марко Трошановски, неодамна во изјава за весникот ВЕЧЕР истакна дека аргументацијата во бугарскиот документ нема да биде прифатена од членките на ЕУ во име на солидарноста како што се бара, особено што на почетокот на процесот на прифаќање на преговарачката рамка сите земји изложуваат свои мислења каде што аргументите се често максимилистички, а во крајната верзија значително „омекнуваат”. (В.С.Н.)