Се црта мурал посветен на Крале Марко во Велес

147

Со работа на муралот за Крале Марко во Велес, Стрип центарот на Македонија од овој град, започна со имплементација на проектот „Mуралот како културна и туристичка знаменитост во Велес 2020 г “. Проектот е во рамки на годинешната програма на Министерството за култура.

„Оваа година ќе се изработи стрип мурал на површина од 33м/2. Мотив за цртање на муралот е Крале Марко и се работи на веќе познатата локација во близина на Градскиот саат, меѓу два веќе изработени мурали. Се работи со акрилни фасадни бои и специјални четки од страна на веќе воиграниот тим: Ване Трајков (како главен цртач) и Анита Гочева и Горан Мазнев (асистенти)“, истакнува Томе Трајков, координатор на проектот.

Како што посочува тој, ова е вторпат Министерството за култура да поддржи ваков проект од страна на Стрип центарот на Македонија кој досега веќе има изработено 5 мурали на фасади во градот. „Овие стрип мурали, први од ваков вид во Македонија, се протегаат на различни локации и се вистинска атракција за жителите на Велес, но ја збогува и неговата туристичка понуда. Праксата на цртање на мурали е многу честа во светот, посебно е интересен градот Ангулем/Франција откаде ги добивме првичните идеи и искуства. Праксата на изработка на мурали низ Велес ќе продолжи и натаму и се надеваме дека интерес за овој тип на творештво ќе се пројави и низ други градови од државата…“, додава Трајков.