Градоначаникот на Куманово, Максим Димитриевски во гостувањето на Топ Тема на Телма, вечерва соопшти дека уште двајца кумановци ја изгубиле битката со корона вирусот.

-Пред самото вклучување во емисијата добив информација од Центарот за јавно здравје дека имаме уште двајца починати наши сограѓани во Куманово, рече Димитриевски и изрази сочувство.

Други детали за не соопшти.

Тој повторно упати апел да се воведат уште порестриктивни мерки во Куманово и, како што рече, да се скратат бирократските постапки и да се даде шанса да делуваат општинските структури.

Во емисијата ги сподели и искуствата во справувањето со ширењето на вирусот и карантинот што беше спроведен во тек на викендот.

Како што соопшти на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, во изминатите 24 часа се регистрирани 15 нови случаи на пациенти со коронавирус во земјава, односно четири во Скопје, осум во Куманово и по еден во Тетово, Струга и Штип, со што вкупниот број на дијагностицирани достигна 570.

На Инфективната клиника починаа тројца пациенти – 40-годишен жител на Кочани, без познати минати заболувања, примен на 29 март, и двајца тетовци – 69-годишен човек кој имал тумор на мозокот и 65-годишен без познати други минати заболувања.

фото: Н. Батев