Џафери се дума за оставката на Груевски

81

Претседателот на собранието, Талат Џафери, ќе ја достави писмената оставка од екс-премиерот Никола Груевски до пратениците. На вчерашната координација кај првиот парламентарец партиите ги изнеле своите ставови, со исклучок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј претставник не присуствувал на координацијата. Како што соопштуваат од Собранието, Џафери ќе има одделна средба со координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Минатата недела, поранешниот премиер Груевски, кој е во бегство во Унгарија по изрекувањето на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“, испрати писмена оставка на унгарски јазик, која деновиве беше преведена.

Претседателот на Собранието Талат Џафери имал консултации со координаторите на пратеничките групи, но не донеле конечна одлука дали оставката на поранешниот премиер Никола Груевски кој избега од земјава и доби политички азил во Унгарија, ќе биде констатирана на утрешната собраниска седница или за одземање на мнадатот сепак ќе одлучува Собранието.

Во Уставот пишува дека „пратеникот лично ја доставува својата оставка“, но Собранието многупати досега ги констатирало оставките на пратениците иако тие не биле лично доставени. Пратеникот од СПМ Љубисав Иванов Ѕинго кога поради болест се повлекуваше од пратеничката функција, оставката ја поднесе писмено.  И пратеникот Никола Тодоров писмено ја поднел својата оставка. И двете биле само констатирани од Собранието. Доколку претседателот сепка одлучи Собранието да не ја прифати писмената оставка на Груевски, тогаш на утрешната собраниска седница, пратениците ќе треба да гласаат за одземање на мандатот на Груевски поради шестмесечното отсуство.

За да му биде одземен мандатот на Груевски ќе треба да гласаат 80 пратеници „за“.