Гостувајќи во дневникот на РТС, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави  дека властите во Приштина, во обид да ја ослабнат одбраната на северно Косово, имаат намера в понеделник да апсат српски полицајци.

Според информациите кои ги добил Вучиќ, властите во Приштина сакале да уапсат 26 припадници на косовската полиција од северно Косово, како и 15 други лица, со цел тоа подрачје да остане незаштитено.

– Тоа е нова намера, под изговор дека тие, наводно, учествувале во корупција и тоа ќе го прикажат како случај на борба против корупцијата, со цел северот на Косово и Косовска Митровица да останат незаштитени и тоа сакаат да го направат на највалкан начин, рече Вучиќ. Во врска со изборите кои в недела ќе се одржат за четири српски општини, тoj очекува обиди да ги испровоцираат Србите на северот на КиМ.

По повод одлуките на Приштина и носењето на резолуцијата за геноцид на Србија на Косово, српскиот претседател нагласи дека „на овие провокации Србија ќе реагира воздржано и смирено, за да не го загуби кредибилитетот во меѓународната заедница, но и ќе го заштити српскиот народ“.

Тој за РТС оцени дека со носењето на оваа Резолуција и изјавите на косовските власти, „маѓепсаниот круг на Косово, не е затворен“. По повод изјавата на Кадри Весели дека „Ниш е стар српски град кој некогаш бил населен од многу Албанци, кои биле протерани од Србите“, и дека „нашите стари граѓани на Приштина имаат дојдено од нишкиот регион, особено од околината на Куршумлија”, Вучиќ искоментира дека „би сакал да дојде во Ниш и Куршумлија, за да види како тоа изгледа и како тоа ќе му успее”.

Српскиот претседател исто така најави дека е „подготвен веднаш да говори пред Народното собрание на темата за Косово, особено во наредните неколку денови, доколку за тоа постои можност. Тој додаде дека Србија ќе реагира на одлуките на Приштина со донесување на некои општи акти во Собранието, како и со донесување на подзаконски акти во Владата.

Вучиќ, исто така, изјави дека „многумина воделе хајка против него” поради идејата за разграничување на косовското прашање и дека притоа „не знаеле за што се работи, ниту прашувале”. – Една година водат хајка против мене поради идејата за разграничување, а сега велат дека не знаат за што се работи. Како водите хајка против нешто, а не знаете за што се работи? И притоа за сето ова време ниту прашавте, а бев подготвен за дијалог со сите што сакаа да разговараат за Косово, рече Вучиќ за РТС.

Тој додаде дека е подготвен да ризикува многу нешта, но дека тоа е невозможно во услови кога „никој не сака да застане со вас”.

Присуството на Заев на отворањето на Коридорот 10 е важна вест

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека на отворањето на јужниот крак на автопатот на Коридор 10 низ Србија ќе присуствува и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев.

– Милам дека пристигнувањето на Заев е важна вест и го покажува значењето на Коридорот 10, истакна Вучиќ во утринската програма на РТС, додавајќи дека од Белград до Северна Македонија сега ќе се стигнува за три часа. Тој потсети дека на делницата на автопатот преку Грделичка клисура од 26,3 километри, претходеше отворањето на делницата од Грабовница до Грделица од 5,6 километри, потоа Владичин Хан – Врање од 28 километри, Левосоје – Српска куќа од 10 километри. – Тоа беа најтешки делници. Тоа сега изгледа величествено, но кога работите вредно и посветено, резултатите се евидентни, нагласи Вучиќ.