Груевски: Од Македонија заминав во Албанија, власта нека ги открие деталите

41

Поранешниот премиер и азилант во Унгарија Никола Груевски во прво интервју за македонски медиум по бегството во ноември рече дека „од Македонија заминал едноставно, во Албанија“, каде од тамошната Унгарска амабасада побарал политички азил. Груевски не кажа дали поминал на легален или нелегален начин и оти остава тоа да го открие власта.

– Од Македонија заминав многу едноставно. Заминав во Албанија. Се пријавив во Унгарската амбасада во Тирана каде што побарав политички азил и оттаму дојдов во Унгарија на начин што беше одлучено по одредени нивни внатрешни консултации поради фактот што долги години бев претседател на Влада, поради безбедносни причини добро е да бидам транспортиран на некој начин до Унгарија, рече Груевски во интервју за ТВ Сител.

Кон Унгарија ја користел личната карта, но не може, како што рече, да даде одговор дали ја користел за да излезе од Македонија и тоа им го остава на властите да го откријат.

– Не можам да ви одговорам во тој дел во овој период, ќе оставам малку власта да поработи на тоа затоа што најавуваат дека се ќе откриеле. Но откако заминав во Албанија, натамошното движење беше со мојата лична карта до границата меѓу Србија и Унгарија, а во Унгарија влегов со издаден документ од Унгарската амбасада во Тирана, наведе Груевски, посочувајќи дека Владата треба да утврди дали ја преминал албанската граница на легален или на нелегален начин.

Во бегството, како што рече, не му помогнала овдешната власт.

– Власта да ми помогне?. Не. Власта да може нешто друго лошо да ми направи, би ми направила, а не да ми помогне, рече Груевски во интервјуто за ТВ Сител.