50 денари ќе чини билетот за едно возење во градскиот превоз

329

Од први ноември стартува хартиениот билет за едно возење во автобусите на градскиот превоз. Неговата цена најверојатно ќе биде 50 денари. Цената што е предложена од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ треба да ја одобрат градските советници на денешната седница.

Според одлуката за измени и дополнувања на Одлуката за интегрираниот тарифен систем во линискиот превоз на патници во Град Скопје, потребата од воведување на електронскиот билет за едно возење е инициран од ЈСП „Скопје“, поради тоа што во моментов картичките „Скопска“ можат да се надополнат во билетарниците на ЈСП, во трафики и во продавници низ градот.

– Овој билет е наменет за граѓани кои ретко го користат јавниот превоз во Скопје, тоа се луѓе што доаѓаат по потреба од внатрешноста во метрополата и досега мораа да набават картичка за 10 возења, односно неперсонализирана картичка „Скопска“, или пак да платат во автобус со мобилен телефон. Исто така, во непријатна ситуација се и туристите кои ги има во се поголем број во метрополата, а не се во можност да користат ниту една од опциите за возење во јавниот превоз – се наведува во образложението.

Електронскиот билет за едно возење ќе биде изработен од потврда хартија и ќе се купува кај возажот и ќе биде за еднократна употреба.

(А.П.)