40.000 дози вакцини за грип само што не стигнале во Македонија!  

ИМУНИЗАЦИЈАТА НЕМА ДА ДОЦНИ, ТВРДИ РЕСОРНОТО МИНИСТЕРСТВО  

91

Како што информираат од Министерството за здравство за весникот ВЕЧЕР, тие навреме ја спровеле тендерската постапка, потпишале договор за набавка на четиритипна вакцина, а сега чекаат производителот да ја реализира нарачката. И годинава ќе има бесплатни вакцини, кои се наменети за лицата над 65 години, лицата со хронични заболувања, здравствените работници и за бремените жени. Предупредување од епидемиолозите, кои велат дека заштитата од вирусот на грип е од големо значење имајќи ги предвид компликациите што може да настанат доколку во исто време „се здружат“ грипот и коронавирусот

 

 

Постапката на Министерството за здравство за набавка на вакцини против грип за годинава е веќе завршена и договорот со набавувачот е склучен. Како што информираат за весникот ВЕЧЕР од ресорното Министерство, 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонска инфлуенца треба да пристигнат во октомври. Според нив, годинава имунизацијата нема да доцни, како што беше минатата година, кога, наместо во октомври, се реализираше во ноември.

– Согласно со договорот, вакцините ќе пристигнат во предвидениот рок. И оваа година се набавени 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип за следните ризични групи: стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години. Вакцината за овие групи граѓани е бесплатна – информираат од Министерството за здравство.

По препорака на Комисијата за имунизација, граѓаните што се вакцинирале со вакцина против ковид 19, во рок од две недели, односно 14 дена, по примената доза, може да се вакцинираат со вакцина против сезонски грип.

Според  Институтот за јавно здравје, досега во земјава нема ниту еден заболен од сезонски грип. Од скопскиот Центар за јавно здравје велат дека повозрасните граѓани веќе се јавуваат и прашуваат кога ќе може да се вакцинираат. Од Центарот се подготвени да ја примат вакцината за сезонски грип во фрижидерите, само да им биде испорачана. Таму ќе има околу 4.000 дози вакцини за грип, кои ќе се даваат комерцијално. Лани, тие чинеа 600 денари.

Лицата што треба да ја примат вакцината бесплатно, како што се хронично болните, постарите, треба да си закажат преку матичните лекари и „Мој термин“ за да бидат распоредени.

Епидемиолозите и годинава предупредуваат  дека заштитата од вирусот на грип е од големо значење имајќи ги предвид компликациите што може да настанат доколку во исто време се здружат грипот и коронавирусот. Д-р Александар Стојанов, кој е експерт за вакцинација, објасни за весникот ВЕЧЕР дека се согласува дека лицата што ќе примат вакцина за заштита од ковид, може во исто време да се вакцинираат и од сезонски грип. Според него, истовременото аплицирање на двете вакцини нема да предизвика никаков здравствен проблем, напротив, како што вели, луѓето на овој начин се заштитуваат од двете инфекции. Д-р Стојанов, кој долги години беше директор на Центарот за јавно здравје – Скопје, вели дека имунизацијата е единственото решение да се биде спремен кога ќе почнат инфекциите, да може да биде подготвен организмот за сезонската инфлуенца.

За разлика од нашата земја, во соседна Србија веќе се пристигнати вакцините за заштита од сезонски грип и се распоредуваат во центрите за имунизација. Се работи за 400 илјади дози вакцини, од кои најголемиот дел – 373.360 ќе бидат распоредени во Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ-Батут”, a 22.640  во заводот за вирусологија „Торлак”.

 (В.Ма.)