280 метри тобоган ќе доминира во новиот Забавен парк

238

Двеста осумдесет метри тобоган ќе доминира во новиот забавен парк што од есен ќе почне да се гради во Градскиот парк и кој целосно ќе го измени изгледот во тој дел на паркот. Оваа атракција за младите и децата ја најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во разговор за „Репортер“.

– Забавниот парк во Скопје ќе биде таква инсталација што ќе понуди целодневно згрижување на семејството. Ние како концепт го претставивме во 2018 година, но не можевме да го имплементираме зашто се случи пандемијата. Сега се тие околности надминати и во август ќе го презентираме визуелниот изглед на тоа што ќе го добиеме. Мала тајна е дека ќе имаме преку 280 метри тобоган, Нема толку големи тогобани и тоа е бајаги скапа работа. Нема да има дискотеки, ќе има ресторани – рече Шилегов во интервјуто.

Тој на седница на Совет на Град Скопје ќе побара од советниците да дадат зелено светло на Одлуката за проектирање и изградба на забавен парк, набавка и монтирање на реквизити. Овој проект требаше да започне минатата година, но поради пандемијата со коронавирусот беше одложена, а Градот лани во јануари се задолжи со заем од 12 милиони евра. Потоа парите беа пренаменети за реконструкција на улици и булевари.

– Со реализацијата на сообраќајниците се добија нови и современи сообраќајници и се даде дополнителна економска помош кај дел од градежните фирми. Во текот на декември 2020 година, усвоен е Буџетот на Град Скопје за 2021 година, заедно со неговите развојни програми за 2022 и 2023 година, предвидено е изработка на проект и изградба на забавен парк, набавка на реквизити и нивно монтирање – се вели во образложението на Одлуката за проектирање и изградба на забавен парк, набавка и монтирање на реквизити.

Со средствата што се обезбедени од градската каса за оваа година, ќе се изработи проектот за Забавниот парк за што деновиве е распишан тендер кој ќе трае до август, а откако ќе се знаат содржините што ќе ги има забавниот парк кој треба да опслужи до три илјади посетители дневно, ќе биде распишан тендер за изведувач.

Во тендерската документација се бара проектот да биде изведен врз основа на студијата изработена од италијанското архитектонско студио „Баса“ која беше презентирана во 2019 година и подарена на Град Скопје. Со проектот треба да бидат вклопени седумте реквизити купени од ексградоначалникот Коце Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување на други забавни реквизити.

(С.Бл.)