За шест месеци, бесплатни интернет – зони низ цел Аеродром

871

Општина Аеродром денеска го официјализираше почетокот на јавно-приватното партнерство помеѓу Општина Аеродром и корпорацијата „Crescent NV“, со цел имплементација на проектот „Смарт Аеродром“. Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, рече дека се работи за дигитални решенија насочени кон паметно осветлување, паметна мобилност, воспоставување бесплатни интернет-зони на територијата на Општина Аеродром

Со потпишување на договорот, Општина Аеродром вчера го официјализираше почетокот на јавно-приватното партнерство помеѓу Општина Аеродром и корпорацијата „Crescent NV“, со цел имплементација на проектот „Смарт Аеродром“.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, изјави дека овој проект е само почеток на дигиталните решенија, кои ќе се нудат во оваа општина во следните години.

– Посебно ме радува што иницијалната инвестиција, која ќе ја прави корперацијата „Crescent NV“ во Општина Аеродром, на почетокот е некаде околу 9 милиони евра. Се работи за реномирана меѓународна компанија, која котира на Бриселската берза, но уште повеќе нè радува што во имплементацијата на нивниот проект тие инкорпорираат и домашни, македонски компании, меѓу кои што ги вбројуваме А1 и „Ассеко“ – нагласи Муцунски.

Тој додаде дека се работи за дигитални решенија насочени кон паметно осветлување, паметна мобилност, воспоставување бесплатни интернет-зони на територија на Општина Аеродром.

– Ќе има многу решенија за кои граѓаните ќе сведочат во следниот период, а кои понатаму ќе се прошируваат и надградуваат согласно со технолошкиот развој што се шири во глобалниот свет – истакна Муцунски, нагласувајќи дека ова е значаен исчекор кој, како што кажа, во приближно следните шест месеци ќе ја направи Аеродром првата паметна општина на територија на цела Република Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потенцираше дека Општина Аеродром покажала и докажала дека кога напорно се работи и посветено се работи, може да се постигнат европски успеси и на локално ниво. Тој додаде со реализацијата на овој проект, жителите на Општина Аеродром ќе имаат навистина посебно решение, кое ќе одговара на нивните потреби.

– И она што е важно како што вели и самиот проект, ќе се зголеми транспарентноста, ќе се зголеми отчетноста во однос на тоа каква е навистина животната средина, квалитетот на воздухот, но и истовремено ќе се намалат трошоците, кои во моментот Општина Аеродром и граѓаните на Општина Аеродром практично ги плаќаат. И ќе останат повеќе пари и средства за капитални инвестиции – наведе Мицкоски.

(А.П.) – Фото: Петр Стојановски