НАТО стравува за Украина: Можни се две сценарија, во второто би биле во уште поопасна позиција

1097

Ситуацијата на бојното поле во Украина е сериозна и затоа и е потребна итна помош во оружје и муниција, но и подолгорочно решение кое ќе обезбеди сигурна и предвидлива поддршка, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Ситуацијата е сериозна и токму затоа има итна потреба од поголема помош за Украина“, рече Столтенберг на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Тој додаде дека се можни две сценарија – едното е НАТО да обезбеди поголема помош за Украина да ја врати изгубената територија, а другото НАТО да не го стори тоа и во тој случај постои опасност Русија да освои уште повеќе територии. Тогаш ќе бидеме во уште поопасна позиција“, истакна Столтенберг.

Во исто време со итна краткорочна помош, неопходно е да се обезбеди потрајна структура преку која помошта за Украина би се обезбедувала на подолг рок и попредвидлив начин, изјави генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг предложи пакет од 100 милијарди евра за помош на Украина во период од пет години, но деталите како ќе се пополни овој фонд не се познати.

Целта е да се постигне консензус до самитот на НАТО во јули во Вашингтон, а доколку тоа не успее, тогаш шефовите на држави или влади би дознале за тоа на самитот. Во меѓувреме, во мај во Прага ќе се одржи неформален состанок на министрите за надворешни работи на кој повторно ќе се разговара за подготовките за самитот.

Столтенберг ги поздрави неодамнешните најави на одделни земји за нова помош за Украина, која вклучува речиси 600 милиони евра од Германија за чешката иницијатива за набавка на артилериски гранати, десет илјади беспилотни летала од Велика Британија, проектили и оклопни возила од Франција и нов пакет помош од Финска вреден 188 милиони евра .

Запрашан да ја коментира изјавата на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков дека членките на НАТО се вклучени во конфликтот во Украина во директна конфронтација со Русија, Столтенберг рече дека тоа не е точно. „Немаме планови да испратиме борбени сили во Украина, ниту некој тоа го побарал“, рече Столтенберг.