Ќе се реконстуираат улици во градот

58

– Во изминатиот период силно се посветивме на потребните анализи, реорганизација во администрацијата и мобилизација на квалитетен кадар кој достојно ќе се носи со предизвиците, односно кој ќе се посвети на реализација на проектите од програмата за модерно Скопје. Затоа денеска со задоволство можам да констатирам дека сме консолидирани и почнуваме со исполнувањето на проектите од мојата програма за модерно Скопје, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес конференција за медиуми.

Арсовска најави започнување на проектите од програмата со рокови на имплементација во три фази до крајот на месец август оваа година. Изградба, реконструкција и асфалтирање на улици и булевари, фекална и атмосферска канализација, нови зелени површини се дел од проектите на кои градот интензивно ќе работи во периодот што следи.

– Прва фаза на имплементација е до 30.06.2022. Во овој период планирани се следните инвестиции. Започнува реконструкција на повеќе од дваесет улици во општина Ѓорче Петров и тоа: Во село Волково – ул.83, ул 100 десен крак, улица 73, улица 3, улица 74, улица 78, улица 80 – Пржина, ул 81 – крак 1, 2, 3 лево, улица 81 – крак 4 десно. Во Кисела Јабука – улици 4, 6, краците на улицата 46 и 46а и улицата 68, улицата 10, улицата 34. Ул. Антон Кецкаров во населбата Даме Груев. Во село Ново Село крак лево кај училиштето, краците на улиците 4 и 2, улица 52 десен крак во населба Стопански Двор – најави Арсовска

Таа додека дека започнува и изградбата на мега парк во Ѓорче Петров еден од ветените 5 од програмата, потоа реконструкција на булеварот „Теодосиј Гологанов“, завршување на реконструкцијата на улицата „Есенинова“ започната во 2020 година, а која беше наследена со бројни проблеми. Потоа, завршување на работите на улицата „Васко Карангелески“ каде  е зачуван дрворедот од стогодишни дрвја и тоа на барање на граѓаните.

-Сто дрвја кои со започнатиот проект од претходното раководство требаше да бидат исечени, потенцираше Арсовска.

Втората фаза на реализација на проектите од програмата за модерно Скопје, според најавите на Арсовска е предвидено да започне на 1 јули, а дел од главните проекти во оваа фаза се и реконструкција на улиците: „Бутелска“, „Перо Наков“, „Рузвелтова“, „Димо Хаџи Димов“, „Скоевска“ и „Славка Динкова“. Арсовска најави и продолжување на градежните активности на Универзална сала.

-Завршени се сите постапки и по 12 години се реконструира улицата „Бутелска“ како и со децении заборавената улица „Перо Наков“. Се започнува со реконструкција на фекалната канализација во населбата Градинар во Кисела Вода. Започнува и реализацијата на проект за изградба, реконструкција и покривање на Усјански канал. Имаме ново техничко решение  за Универзална и со зголемен интензитет ќе продолжат работите на објектот, дополни градоначалничката Арсовска. 

Третата фаза со план на реализација од 01 до 31 август годинава, опфаќа реконструкција на улиците: „Кузман Јосифовски Пит“, „Перо Наков“, и ќе се реконструираат шест игралишта во Сарај, како и две игралишта во средните училишта на град Скопје.