Ќе доживее ли Бугарија европски пораз?!

По состанокот со македонските колеги на иницијатива на официјален Берлин, бугарската шефица на дипломатијата изјави дека Бугарија сè уште не е во можност да ја одобри рамката за преговори за Македонија. За разлика од транспаретноста пред бугарските медиуми од страна на Захариева, до затворањето на весникот, во земјава немаше никаква изјава од властите за детали околу разговорите во Берлин. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека е неспорно дека Германија ќе направи сè за да се одржи Меѓувладината конференција во декември бидејќи е во прашање нивни успех или неуспех, но Бугарија нема маневарски простор да се повлече од своите барања кои се официјализирани во највисоките институции. Според Никовски, во оваа ситуација, за Македонија е подобро да се одложи меѓувладината конференција бидејќи Софија со тоа ќе се изолира на некој начин, затоа што ги доведе во прашање фундаменталните вредности на Унијата и така ќе ги сврти сите против себе. Тој предупредува дека и доколку официјална Софија сега попушти, во текот на преговорите ќе бара имплементирање на сите свои барања.

924

Бугарија не попушта од своите барања да ги вметне билатералните прашања меѓу Скопје и Софија во преговарачката рамка за земјава со ЕУ, и покрај посредувачката мисија од претседавачот со Унијата, Германија. По состанокот со македонските колеги Никола Димитров и Бујар Османи, на иницијатива на официјален Берлин, бугарската шефица на дипломатијата изјави дека бил постигнат одреден напредок во вторникот во однос на отворените прашања, но Бугарија сè уште не е во можност да ја одобри рамката за преговори за Македонија. Од македонската Влада потврдија дека разговорите во германскиот главен град се во функција да се најдат начини за приближување на позициите на Скопје и Софија и да се овозможи почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ во рамки на германското претседателство. Но, за разлика од транспарентноста пред бугарските медиуми од страна на Захариева, до затворањето на весникот, во земјава немаше никаква изјава од властите за детали околу разговорите во Берлин.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот Вечер вели дека е неспорно дека Германија ќе направи се за да се одржи Меѓувладината конференција во декември бидејќи е во прашање нивни успех или неуспех. Меѓутоа, Бугарија нема никаков маневарски простор да се повлече од она што прво дома го официјализира како своја политика преку БАН, Владата и Парламентот и со отворен меморандум им го претстави на сите членки на Унијата бидејќи тоа, пак, ќе биде нивни историски неуспех. Тој предупредува дека и доколку официјална Софија сега попушти, во текот на преговорите ќе  бара имплементирање на сите свои барања.

 -Значи се наоѓаме во еден маѓепсан круг, чија разврска е тешко да се предвиди. Поверојатно е дека Бугарија сепак, нема да даде согласност за преговарачката рамка и ќе дојде до одлагање на конференцијата. Не треба да се исклучи и прифаќање од Софија иако е тоа помалку веројатно, ама што се однесува до нас, тоа ништо нема да значи бидејќи нашите голготи ќе почнат со самото преговарање. Во целина, за нас е поарно да се одложи меѓувладината конференција бидејќи Софија со тоа ќе се изолира на некој начин, бидејќи ги доведе во прашање фундаменталните вредности на Унијата и така ќе ги сврти сите против себе. Логично би било потоа да следува поголемо разбирање во Брисел за Македонија за да се стеснат можностите Бугарија да се однесува нецивилизациски во текот на преговорите кои кога – тогаш ќе почнат, вели Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР. 

По средбите во Берлин, на покана министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, и државниот министер за Европа Михаел Рот, Захариева обвини дека изминатата година и половина имало „екстремно и систематско непочитување” на Договорот за добрососедство, како и слабо темпо на историската комисија.

Да, се согласувам со моите колеги од Скопје дека никој нема право да утврди како граѓанин може да се самоопредели, но истото важи и за бугарските граѓани. Нема шанси некој да каже дека овој јазик е различен од нашиот, па затоа ја најдовме формулата во 2017 година, изјави Захариева. 

-Сфаќајќи ја одговорноста, позицијата и на премиерот и на бугарската Влада е многу јасна. Тоа е: ние сме добронамерни, но не можеме да правиме компромиси што ќе продолжат да водат кон антибугарска кампања. Не можеме да прифатиме во ЕУ и тешко е целата ЕУ да има отворени прашања. Не сите членки на ЕУ го одобруваат проширувањето. Да, се согласувам со моите колеги од Скопје дека никој нема право да утврди како граѓанин може да се самоопредели, но истото важи и за бугарските граѓани. Нема шанси некој да каже дека овој јазик е различен од нашиот, па затоа ја најдовме формулата во 2017 година. Благодарност на германското претседателство за посветеноста и иницијативата, но сè уште не сме стигнале до точка да кажеме „Да“, рече Захариева и истакна дека би била голема штета Скопје да ја испушти оваа можност.

Проблем за Бугарија е и што историските личности, за кои е постигнат договор, не се објавени јавно и договореното не се рефлектира во учебниците, на музејските експонати. Напредок во Берлин имало за прашањето во однос на користењето на краткото име на Македонија.

– Користејќи го краткото име за Бугарија е важно да се изјаснат дека тоа не води до географскиот дел на Бугарија, дека не е поврзано со територијални или малцински претензии. Македонија вети дека ќе го објави ова. Што се однесува до јазикот, повторивме дека постојат две опции или употребата на верзијата за 2017 година, мислам дека имавме и прилично голема конвергенција на позициите во Берлин. Досега, сепак, сè уште не сме во можност да ја одобриме рамката за преговори за Македонија, но работиме и активно со германското претседателство, рече Захариева.

Познавачи на состојбите за весникот ВЕЧЕР велат дека треба да се земе предвид тоа што ниту една земја досега не кажа недвосмислено дека не се согласуваат со постапките на Бугарија, туку само дипломатски упатуваат билатералните прашања да се решаваат билатерално.

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави анализа во која посочува дека бугарското тврдење дека постои само една „историска вистина“, нивната, и дека таа мора да биде цврсто наведена во преговорите за членство во ЕУ, не одговара на 21 век и дека овој спор што може да има сериозни последици за иднината на проширувањето на ЕУ. Ставот во Брисел е дека не можат други земји да одлучуваат како ќе се нарекува нечиј јазик. Дури и земјите кои пред една година беа против преговори со Македонија, пишува весникот, сега го критикуваат однесувањето на Бугарија.

Но, познавачи на состојбите за весникот ВЕЧЕР велат дека треба да се земе предвид тоа што ниту една земја досега не кажа недвосмислено дека не се согласуваат со постапките на Бугарија, туку само дипломатски упатуваат билатералните прашања да се решаваат билатерално.

Официјална Софија изминатиот период упатува остра реторика во однос на Македонија во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка за земјава и одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ, со што и официјално би започнале преговорите со Унијата. По директната уцена од Захариева дека доколку Македонија не ги признае бугарските корени, ќе добие вето, повторно ставовите на Бугарија ги презентираше и вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој испрати порака дека Бугарија нема да направи отстапки кон Македонија.

Во интервју за „24 часа“ бугарскиот историчар Иван Илчев, поранешен ректор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и актуелен член на бугарскиот тим во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања оцени дека за македонскиот јазик Бугарија е на губитничка позиција, но не и кога се однесува за историјата, која е вели, неспорна. Според него, за европското јавно мислење не е јасен бугарскиот спор за македонскиот јазик.

-Според европското јавно мислење, ако има држава, таа си има и јазик. Ова загледување во македонскиот јазик е губитничка позиција за нас, вели Илчев.

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев минатата недела по состанокот на Советот за безбедност кој беше посветен на справувањето со ковид-кризата, изјавија дека  немало ниту ќе има преговори за идентитетот и јазикот.

Има уште една недела до состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ кои во вторник ќе ја носат конечната одлука дали на Македонија ќе ѝ биде дозволено отворање на преговорите. Иако Захариева кажа дека времето е кратко, можност да се спречи бугарското вето повторно утре ќе имаат шеовите на дипломатиите на двете земји, кои во Софија ќе учествуваат на регионален настан, заедно со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји. (В.С.Н.)

Македонија ќе ја активира брзата лента кон ЕУ

Македонските власти се спремни да ја активираат брзата лента за исполнување на ЕУ-агендата, вели премиерот Зоран Заев во интервју за магазинот „CorD“. Заев изрази надеж дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот за општи прашања, односно на ГАК, на 10 ноември, по што ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.

-Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните, вели Заев за магазинот кој се печати во Белград на англиски јазик и го читаат претставници на дипломатскиот кор во земјите во регионот и пошироко.