„Се надевам дека ова е последен пат ‘Струшките вечери на поезијата’ да се реализираат во вакви околности. Сметам дека со оглед на целата ситуација можеме да бидеме задоволни од изданието затоа што, за разлика од лани, успеавме да донесеме петнаесетина странски поети… Освен препознатливите програмски содржини имавме меморијално чествување на доајените на македонската поезија Богомил Ѓузел и Анте Поповски, а во рамки на програмата на СВП беше промовирано и специјалното, монографско издание со избор од поезијата и кратката проза на Блаже Конески”, рече директорот на СВП Тодорче Тасевски на затворањето на манифестацијата

Во вонредни пандемски услови годинава успешно се одржа јубилејното 60. издание на најпознатата светска поетска манифестација “Струшки вечери на поезијата“, на која, за разлика од лани, беа присутни и странски поети. Во градот на мостовите, Струга тие на светот му ги пренесоа своите пораки преку стиховите кои беа прочитани во рамките на манифестацијата.

“Зад нас уште едно издание на „Струшките вечери на поезија“ во вонредни, пандемски околности. Се надевам дека ова е последен пат да се реализира во вакви околности. Сметам дека со оглед на целата ситуација можеме да бидеме задоволни од изданието затоа што, за разлика од лани, успеавме да донесеме петнаесетина странски поети, кои имаа настап, помал дел од нив се претставија преку видеочитања, секако, домашните поети беа претставени во живо. Освен препознатливите програмски содржини имавме меморијално чествување на доајените на македонската поезија Богомил Ѓузел и Анте Поповски, а во рамки на програмата на СВП беше промовирано и специјалното, монографско издание со избор од поезијата и кратката проза на Блаже Конески“, изјави директорот на СВП Тодорче Тасевски, на свеченото затворање на поетската манифестација на која, покрај поетското читање „Мостови”, беа врачени и наградитe „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”. Поетските читања поради пандемијата се одржаа на летната тераса во хотел „Дрим“, наместо на Мостот на поезијата.

Инаку, годинава традиционалната награда „Браќа Миладиновци“ ја доби поетесата Лидија Димковска за збирката „Гранична состојба“.

“Говорејќи за квалитетите на овој ингениозен поетски ракопис и за грандиозната книжевна фигура на Лидија Димковска, ќе истакнам дека оваа поетска збирка ќе остане во аналите на македонската книжевност и во духовната колективна меморија како што тоа била вечната поетска збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски или „Записи“ на Блаже Конески или, во светски рамки, како што се делата на Вислава Шимборска“, кажа меѓудругото за делото на Димковска македонскиот писател Сашо Огненовски. Наградата „Мостови на Струга“, му беше врачена на српскиот поет Владан Кречковиќ за збирката „Париз-Тексас“, a “Во прегратките на љубовта“ на Емил Попордaноски, пак, ја доби наградата „Стојан Христов“, која се доделува за најдобра поетска книга од автор од македонската дијаспора што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со Агенцијата за иселеништво.

Лауреатката, добитничка на „Златниот венец“, британската поетеса Керол Ен Дафи, поради пандемијата не присуствуваше на годинешното издание на фестивалот, меѓутоа го најави своето присуство за следната година. “Љубовта кон поезијата почнува уште во детството“, посочи таа во своето видеообраќање.

“Кога почнав да пребарувам низ одделот за поезија во локалната книжарница – ‘Буклендс’, така се викаше – барав поети кои не ги учевме на училиште. Неверојатна е, и многу трогателна, помислата дека кога Пабло Неруда го добил ‘Златниот венец’ во 1972 тоа било отприлика времето кога јас сум била ученичка и сум ја купила неговата книга со мек повез ‘Дваесет љубовни песни и песна за очајот’… Локална библиотека. Посветени наставници по англиски јазик. Добра книжарница. Сите тие ми ја хранеа и негуваа љубовта за поезијата и, како што не е невообичаено кај децата и тинејџерите, ме поттикнаа да пишувам мои песни. Мислам дека е очигледно од тоа што го кажувам дека, за да пишуваат поезија, младите луѓе мора да читаат поезија…“, кажа меѓудругото  Ен Дафи.

Во рамки на одбележувањето 100 години од раѓањето на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист Блаже Конески на „Струшките вечери на поезијата“ беше промовирано монографско издание за великанот.

Предговорот на Монографијата го напиша македонски поет, раскажувач, критичар, есеист, книжевен теоретичар Атанас Вангелов, кој посочи дека оној што не влегол досега во поезијата на Конески има трајна загуба.

На омажот посветен во спомен на култниот македонски поет Богомил Ѓузел за неговиот лик и дело говореше литературната критичарка, теоретичарка и претседателка на Управниот одбор на „СВП“, Елизабета Шелева.

“Во времето на своите творечки почетоци, Богомил Ѓузел настапи како припадник на градското и граѓански (либерално) ориентираното крило во нашата литература што, од своја страна, остави препознатлив белег врз неговиот творечки профил, господственото поведение, а, особено, во нему својствениот, космополитски систем на вредности. Таа трага останува видлива и во неговото дејствување во рамките на Струшките вечери, во заложбите за отворање на фестивалот кон Запад и Америка“, потенцираше Шелева.

За капиталната книга „Македонско поетско соѕвездие“ (во издание на МАНУ и „Матица македонска“, 2020) на академикот Георги Старделов говореше македонскиот поет, раскажувач, есеист и теоретичар Владимир Мартиновски.

“‘Македонско поетско соѕвездие’ е еден вид петокнижие на македонската поезија на втората половина од 20 век” – рече Мартиновски.

Неизоставен дел од манифестацијата се меѓународните поетски читања

„Кругови“, како и „Ноќите без интерпункција“ каде со свои лирски остварувања се претставија повеќе македонски и странски поети.

Фестивалот традиционално завршува со поетско читање во Скопје, кое вчеравечер се одржа во Музејот на современа уметност.

 Паркот на поезијата во Струга доби плочи со „кјуар“ кодови

Во Паркот на поезијата во Струга се обновени педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“. Досегашните бронзени плочи кои беа честа мета на кражби и вандалство се заменети со плочи на кои се отпечатени „кјуар“ кодови, кои при скенирање со мобилен телефон водат до биографиите и поезијата на лауреатите.

“Ова е само почеток на еден посеопфатен план за внесување нови содржини во Паркот на поезијата што ќе го направат атрактивно место во кое поезијата ќе ја има главната улога“, истакна директорот на СВП Тодорче Тасевски.

Годинешната манифестација се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување дрво од страна на лауреатите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот. (Д.Т.)