Македонската кошаркарска репрезентација одигра феноменално на гостувањето во Полска, совладувајќи ја оваа селекција со убедливи 96:71 во второто коло од групната фаза за пласман на Евробаскетот во 2025 година. За разлика од мечот со Естонија од пред три дена, кога загубивме дома со 74:69, нашите момци овој пат одиграа одлично во сите сегменти и сосема заслужено дојдоа до големиот триумф со кој направија чекор напред кон големиот континентален собир.

  • Двете екипи влегоа со голема почит, особено по поразите во почетното коло. Знаевме дека играме против еден голем, против еден извонреден тим како што е Полска. Можеби, ризикувавме со шутот од далечина како, на пример, со Балцеровски, но тоа беше дел од нашите тактички замисли, кои донесоа резултат. Честитки до сите мои играчи, без оглед на тоа дали некој играше една или 39 минути. Двата тима имаат големи индивидуи, но решава тоа кој е подобар во моментумот што го носи мечот со себе. Сите инволвирани во ова, од моите асистенти до медицинскиот персонал, се заслужни за победата. Драго ми е што сè уште имаме шанси за пласман на Евробаскетот и ќе продолжиме да ги бараме своите шанси за тоа, да бидеме во тоа друштво. Ова е апсолутно заслужено – истакна селекторот Александар Јончевски, по мечот во Сосновиец.

Плејмејкерот Ненад Димитријевиќ повторно имаше одлично издание. Тој постигна 32 поена и додаде по осум скока и асистенции, а добра партија имаше и натурализираниот Итан Хап со 19 коша.

По мечот, Хап не го криеше своето воодушевување, особено од играта на Ненад Димитријевиќ, со кого го наполни противничкиот кош.

  • Селекторот одлично нè подготви за натпреварот, особено кога ја менуваше противникот одбраната. Кога имаш плејмејкер како Нено, само треба да му ја дадеш топката и да играш. Беше импресивно да се гледа како игра. Како што рече селекторот, секој што се појави на паркетот има удел во оваа победа – додаде Хап.

Сега, по два одиграни натпревара во групата, Естонија е прва со стопроцентен ефект, Македонија и Литванија имаат по една победа и еден пораз, додека Полска е последна без триумф, но и селекција што е домаќин на ЕП, па ѝ е загарантирано местото.

Следниот меч на нашата селекција во квалификацискиот циклус е во ноемврискиот прозорец, кога ја пречекуваме Литванија во Скопје.