Јовановска: На починатата 33-годишна пациентка не и се пресечени цревата, таа почина на КАРИЛ од белодробна тромбоемболија

1568

Директорката на ГАК, д-р Викторија Јовановска, за весникот ВЕЧЕР тврди дека се работи за тажна приказна на млада жена која што, за жал,покрај миомот, којшто на нивната клиника е опериран, таа имала и други заболувања. Младата жена, мајка на две дечиња почина на КАРИЛ како последица на белодробна тромбоемболија

Млада жена на 33 години, мајка на две дечиња, деновиве почина на КАРИЛ како последица на белодробна тромбна емболија. На телото на починатата жена не е направено обдукција, бидејќи семејството потпишало, го зело телото и со тоа немало можност да се утврди што точно се случило со пациентка за да се случи смртен исход.
Таа претходно била хоспитализирана на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, каде што е лекувана и изваден и е голем тумор на матката . Комисијата за контрола на квалитет при клиниката по разгледување на документацијата од приемот до исписот заклучила дека пациентката е лекувана и третирана по сите протоколи, под висок стручен надзор.

-Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести), наведуваат од ГАК.

Во договор со абдоминален хирург, пациентката е префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија.

-На 11-от ден постоперативно, на Дигестивна хирургија, настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постооперативно пациентката е во стабилна состојба и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 9. 5.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде што починала по многу кратко време. Напоменуваме дека пациентката беше со коморбидитети и претходни оперативни зафати (пред пет години е отстранета слезинка и лимфни јазли) – информираат од ГАК

Според д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија, пациентката е уредно примена и покрај тоа што заради пандемијата со ковид-19 е редуциран програмот за операции, со цел што побрзо да и се помогне на младата жена.

Д-р Јовановска за весникот ВЕЧЕР вели дека се работи за многу комплексен случај оти пациентката претходно имала и други заболувања.

– И покрај тоа што медицинскиот тим направи се што е во наша можност за да ја спасиме младата жена, но заради повеќе хронични заболувања состојбата и се влоши. По десетина дена таа била примена на КАРИЛ каде што на крајот на април починала – вели за ВЕЧЕР, д-р Јовановска, и револтирано посочи дека не може да разбере како на социјалните мрежи се споделуваат информации дека на пациентката и биле пресечени цревата, наместо папочната врвка, а не се работи за родилка.

Според неа за семејството е голем удар нејзината смрт и затоа тоа не добро да читаат вакви коментари. Јовановска посочи дека додека пациентката била хоспитализирана кај нив, децата постојано и се јавувале на телефон.

-Замислете каков е тоа шок за нејзините дечиња, да мислат дека на нивната мајка и се пресечени цревата. Јас сум 30 години лекар, од кои што 20 години специјалист со богато искуство во областа на гинекологијата и акушерството и не можам да прифатам вакви дезинформации- потенцира за ВЕЧЕР д-р Јовановска и нагласува дека таа долго време работи на оваа Клиника и директорската функција ја добила поради нејзината стручност.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе се испита случајот со пациентката за што ќе биде инициран стручен надзор,при што ќе биде вклучен и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

(В.Ма.)