Јас сум грд како крадец, но имам поголеми шанси

80

Џорџо Киелини со години важеше за еден од најдобрите дефанзивци во целиот свет, а исто така важи и за еден од најголемите шегаџии кога е во прашање најважната споредна работа. Легендарниот репрезентативец на Италија денеска има 38 години и го носи дресот на американскиот клуб, Лос Анџелес. Иако, фудбалскиот свет очекуваше Киелини да стави крај на својата богата кариера како капитен на најтрофејниот клуб во италијанската Серија А, Јувентус, дефанзивецот одлучи последните денови од својата кариера да ги помине во САД.

Пред неколку дена, играчот на Лос Анџелес беше гостин во еден американски поткаст и зборуваше за својата кариера во најситните детали. Сепак, еден негов одговор, кој нема некаква допирна точка со фудбалската игра, привлече големо внимание и веднаш стана хит на сите друштвени мрежи.

За време на гостувањето, водителот го праша дали е вистина дека поради популарноста фудбалерите имаат поголеми шанси кај убавите жени отколку обичните смртници.

  • Фудбалерите имаат поголеми шанси кај жените? Доволно е само мене да ме погледнете, грд сум како крадец. Значи имаат поголеми шанси, изјави насмеано италијанскиот интернационалец.