Јанева се бранела со молчење, сака прво да ги види доказите

Адвокатката Фрчкоска, по распитот, рече дека Јанева ќе го искористи правото лично да врши увид во доказите против неа и дека тоа ќе се случи во четврток. Фрчкоска рече и дека со завршувањето на истрагата отпаѓа можноста нејзината клиентка да влијае на сведоци и ќе побара од судот да биде пуштена од притвор. Извори од Обвинителството за медиумите брифираа дека Јанева на средбата со обвинителката Вилма Рускоска се бранела со молчење

145

Укинување на притворот со нудење на гаранција повторно ќе побараaт адвокатите на Катица Јанева која денес беше спроведена  во Обвинителството каде требаше да даде исказ за случајот „Рекет„. Извори од Обвинителството за медиумите брифираа дека Јанева на денешната средба со обвинителката Вилма Рускоска се бранела со молчење.

-Јанева е под стрес, има и хронични болести, изјавија нејзините адвокати.

Одбраната на Јанева смета дека со завршување на истрагата е отворена можноста да се понуди гаранција за таа да излезе од притвор.

Разрешенета обвинителка, осомничена во најголемата корупциска афера од вчера има двајца бранители. Покрај Ирена Фрчковска, нејзината одбрана ќе ја застапува и адвокатот Дељо Кадиев, кој го застапува обвинетиот сопственик на „Дурмо турс“ за трагичната сообраќајка за која се води судска постапка.

Адвокатката Фрчкоска рече дека Јанева ќе го искористи правото лично да врши увид во доказите против неа и дека тоа ќе се случи утре. Фрчкоска рече и дека со завршувањето на истрагата отпаѓа можноста нејзината клиентка да влијае на сведоци и ќе побара од судот да биде пуштена од притвор.

-Таа ќе го искористи правото да ги види доказите, па потоа ќе даде исказ во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Нам ќе ни биде дозволено да вршиме увид во четврток. Бевме известени дека ќе ни биде врачено известување за завршување на истражната постапка. Сметаме дека обвинителот е должен прво да ја сослуша Јанева, па потоа да ја затвори истрагата, изјави адвокатката Фрчкоска.

Фрчкоска и претходно во неколку наврати тврди дека нејзиниот клиент Јанева не е инволвирана во „Рекет“, а ниту Обвинителството ѝ презентирало докази за делото што ѝ се става на товар.

„Со завршување на истрагата, отпаѓа точката 2, така што ќе се створи можност притворот да остане под точка 1, а тоа е бегство. Со тоа се отвора можност да биде пуштена да се брани од слобода. Ние уште утре кога ќе го добиеме тоа известување, ќе поднесеме веднаш укинување на притворот со нудење на гаранција”, изјави вториот адвокат Дељо Кадиев.

Прв пат од притворањето пред два и пол месеца, првоосомничениот Бојан Јовановски во понеделникот се соочи со обвинителката Рускоска. Исто како и Јанева вчера, и Јовановски одбил да даде исказ поради тоа што немал увид во доказите.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши истрагата за “Рекет“, во кој се осомничени три лица Бојан Јовановски, Зоран Милевски и Катица Јанева.

Катица Јанева, Боки 13 и Зоки Кичеец, единствените осомничени за „Рекет“не се сами и не можат да изнудат ни 20 евра, а не пак 20 милиони евра доколку ја немаат поддршката од Заев, обвинија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

– Рускоска срамно ја затвори истрагата само со овие осомничени и со сите нејзини дејствија само ги штитела сите оние кои во јавноста се споменуваат Фрики, Кики, Раки… Постојат индиции дека се пазарат и со некои од обвинетите да не ја откриваат целата мрежа, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со истрагата за „Рекет“ во Обвинителството за гонење на организиран криминал се води истрага и за Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.

Во врска со овој случај, во изминатиов период во Обвинителството сведочеа бизнисмените Силјан Мицевски, Зоран Азманов, Ардијан Амзовски, водителката Лила Филиповска, како и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски. Минатата недела во Обвинителство сведочеше и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз, Агапи Дика.