Јадел ќотек од расисти, продавал чанти да преживее, а сега ита кон НБА-титулата

330

Животната приказна за кошаркарот на Милвоки, Јанис Адетокумбо, е како добро режиран филм. Пред натурализираниот Грк да стигне до местото каде што е сега, славен и најдобар кошаркар на светот, скиташе по опасните улици во Атина.

Како дете, шетал низ големиот град за да најде храна, а за да преживее им продавал лажни часовници на туристите. Но, освен тоа, морал да бега од расисти кои ја мразеле неговата боја на кожа и неговите африкански корени.

Пред да дојде во НБА во летото 2013 година, ретко кој слушнал за него. Тој играл за аматерска екипа од Грција, Филатликос. Овој тим никогаш не бил емитуван на телевизија, ниту на интернет, па скаутите од НБА морале да побараат некои аматерски видеа од тренингот за да видат за каков играч станува збор.

Некои клубови во тоа време сè уште не веруваа во него. Сепак, се видело дека поседува голем талент. На натпреварите во Грција, тој си поигрувал со противниците, буквално ги прескокнувал, забивал, асистирал, дриблал… Но, проблемот бил тоа што играл во Втората лига, каде што претежно се натпреварувале аматерски играчи.

Сепак, Џонатан Живони, новинар на веб-страницата „Драфт експрес“ посветена на млади таленти, верувал во Адетокумбо. Тој во 2013 година имал краток разговор со Јанис, на англиски јазик, во кој Гркот му кажал само едно: „Сакам да бидам НБА играч“. Неколку месеци подоцна сонот му се остварил. Одлетал за Њујорк со неговиот две години постар брат Танасис.

  • Првото нешто што го сторивме по слетувањето беше да јадеме пилешки крилца. Првата вечер не спиевме. Скокавме на хотелските кревети, се радувавме, пеевме и кога дојде утрото, извикавме низ прозорецот: „Здраво, голем свету“. Мислевме дека е сон, се присети Адетокумбо неколку години подоцна.

Во ноќта за драфтот, Јанис и Танасис носеле костуми првпат во животот. Во центарот Баркли, заедно со илјадници фанови и неколку играчи кои сонуваа да играат во најдобрата лига во светот, чекаа комесарот на НБА, Дејвид Стерн, да го изговори нивното егзотично име.

Очекувањето се претвори во стрес кога најдобрите 14 тимови решија да изберат некој друг. Иако НБА-клубовите знаеја дека Јанис има талент, тие се плашеа да се коцкаат со него. Тој не беше играч чиј напредок можел да се следи на американскиот колеџ или во НЦАА-лигата.

Набргу потоа, Дејвид Стерн го изговорил името на Јанис, а тоа, како што истакнува и подоцна, му го променила животот засекогаш. Тој беше избран од Милвоки, тим за кој ги брани боите до ден-денеска.

Имал само 18 години кога стана еден од најзвучните играчи во лигата. Сега со Бакс го игра големото финале во НБА-лигата против Феникс и има шанса да стане шампион.

Интересно е тоа што како дете мразел кошарка, а денес е еден од најдобрите НБА кошаркари. Нему во мислите му бил само фудбалот, а идол му бил легендарниот Тиери Анди.

Што се однесува до неговите родители, Вероника и Чарлс Адетокумбо, се нигериски имигранти кои испловиле од Лагос до Атина во 1991 година. Тие живееле во блоковите на Сеполија. Најстариот син Франсис останал во Нигерија да се грижи за своите баби и дедовци, а нивните четири сина се родени во Грција: Танасис, Јанис, Костас и Алекс.

Сепак, тие никогаш не биле официјално регистрирани – фамилијата Адетокумбо живееле нелегално во Грција, се плашеле од депортација.

  • Кога бевме деца, нашите пријатели добиваа лични карти и пасоши. Ги прашавме родителите зошто не можеме да го сториме тоа, но тие не ни одговараа. Не ни беше дозволено да патуваме, на родителите не им беше дозволено да дадат свое мислење. Беше неверојатно, се присети Јанис неодамна во интервју за „Ел Паис“.

Семејството Адетокумбо живеело во стан од 25 квадратни метри, бидејќи поголем не можеле да си дозволат. Мајка му работела како дадилка и собарка, додека татко му како мајстор.

  • Јанис беше едно од момчињата кои секојдневно ги гледав на улица како се обидува да заработи пари. Тие немаа ништо. Се сеќавам дека имаа само еден пар чевли сите браќа, па се менуваа за да можат да излезат надвор, изјави за „Њујорк Тајмс“ нивниот пријател од соседството, Крис Одоемелам.

Јанис на 12 години им продавал на туристите фалсификувани брендови како чанти, очила за сонце, часовници, ДВД…

  • Ги терав да останат дома, но беа тврдоглави. Сакаа по секоја цена да бидат со мене, да ми помогнат. Ако заработевме 10 евра, бевме пресреќни бидејќи знаевме дека нема да си легнеме гладни, откри Танасис.

Во Грција браќата Адетокумбо имале тренер кој многу им помогнал.

  • Тренерот ни даде пари, иако и самиот немаше. Не знам зошто толку многу не сакаше, а воопшто не го познававме. Но, тој ни помогна многу. Ни беше како втор татко. Без него, можеби немаше да бидам тука, откри Јанис.

Во Грција, давејќи се во финансиската криза, се засилила противмигрантската ситуација. Јанис и неговите браќа морале да бегаат неколку пати од напаѓачите кои ги вознемирувале поради бојата на нивната кожа. Спиеле во сала на душеци ако завршеле со тренинг доцна во ноќта. Почнал да заработува по 500 евра месечно, а на тренерот му вратил така што постигнувал по 50-ина поени на натпревар. Правел чуда на теренот.

Кога наполнил 18 години, бил близу да замине во Сарагоса, Шпанија. Овој тим му дал одлични услови, но Јанис сакал да остане во Грција додека не дојде време да замине во најголемото кошаркарско шоу во светот.