Челниците на австралиската држава Викторија, ја отфрлија можност за невакцинирани тенисери да учествуваат на првиот грен слем турнир Австралија Опен во Мелбурн, на почетокот на следната година.

-Нема специјални преговори, нема специјални попусти, само вакцинираните ќе можат да играат во Мелбурн, рече Даниел Ендрјус, премиер на Викторија.

Оваа изјава на Ендрјус го става под голем знак прашалник учеството на светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ , кој пред неколку дена одби да каже дали се вакцинирал и дали планира да го направи тоа пред почетокот на грен слем турнирот во Мелбурн, во јануари наредната година.

-Невакцинираните тенисери нема да може да добијат виза. Дури и ако ја добијат, ќе мора да бидат ставени во карантин неколку недели, така што шансите тие да играат речиси и да не постојат, додаде Ендрјус.

Ѓоковиќ во следниот период се очекува да им се врати на тениските терени по кусата пауза и до крајот на сезоната најави учество на уште три турнири.