Штипската бања „Кежовица“ ќе се отвори на 1 декември

283

Градската бања „Кежовица“ ќе биде пуштена во употреба од 1 декември, согласно здравствените протоколи, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Штипјани традиционално ја посетуваа бањата, која има општ машки и женски дел, но и оддел со тушеви и кади.

Јорданов посочи дека Кризниот штаб на Општина Штип ќе заседава со цел да се утврдат протоколите за пуштање на бањата.

Според првичните информации, на посетителите задолжително ќе им се бара сертификат за примени две дози вакцина, а капацитетот може да биде исполнет само 50 проценти.

Директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Трајче Здравков вели дека градската бања „Кежовица“ ќе ја стават во функција на барање на граѓаните.

– Бањата ќе функционира по строги критериуми и протоколи, со приложување на сертификат за вакцинација, мерење на температура и со намален капацитет – вели Здравков.

Штипскиот градоначалник, Јорданов дополни дека пред да се отвори бањата ќе бидат санирани одредени чешми, а најави дека планирани се и средства од буџетот за 2022 година за поголема реконструкција во бањата.