Денеска во салата на Советот на Град Скопје се одржа презентацијата на „Студијата за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно“, чија цел е воспоставување на управување и заштита на овој локалитет заштитен со одлука на Градот. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов нагласи дека без поголеми штети по шумскиот фонд помина поставувањето на гасоводот на Водно.

– Оваа студија доаѓа во моментот кога околу 90% од градежните активности за изградба на гасоводот на Водно се завршени и кога 100% од дрвјата кои беа на трасата предвидена за гасовод се пресечени. Може да заклучиме дека, освен помали проблеми, изградбата течеше во согласност со предвиденото и не се случија поголеми штети. Минатата година Градот беше на спротивставена страна во преговорите со Владата и со МЕР. Кога видовме дека измената на трасата за гасоводот е невозможна, поради финансиските и временските импликации врз гасификацијата во државата, го извадивме максималниот бенефит за граѓаните, ја намаливме и видоизменивме постојната траса и кога се уверив дека тоа е оптимумот што може да се постигне, се даде зелено светло дека може да се изгради гасоводот – изјави Шилегов на вчерашната презентација.

Тој потенцираше дека студијата е изработена поради потребата за зачувување на планината, односно заштита на биолошката разновидност, во која главен акцент е даден на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поединечните видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот.

Шилегов објасни дека со оваа студија се препорачува формирање на две советодавни тела. Прв е Советот на засегнати страни во кој ќе бидат вклучени засегнатите локални самоуправи, државни јавни претпријатија, како и здруженија на граѓани од областа на заштитата на животната средина. Во научниот совет се предлага да членуваат претставници на државни и локални установи, други правни лица регистрирани за вршење научно-истражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност, како и лица кои самостојно вршат научно-истражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност.

Шилегов истакна дека во минатиот период Градот презел низа мерки за поздрава животна средина и почист простор за спорт и рекреација, со тоа што во голема мера е намалено движењето на возилата за време на викендите и празниците преку воведување скапо зонско паркирање на Водно, бесплатни автобуски линии за граѓаните до Средно Водно.- Во летниот период преземаме и превентивни, едукативни активности

за елиминирање на можноста за настанување шумски пожари. За жал, годинава имавме четири евидентирани пожари на падините на нашата планина. За среќа брзо и успешно се справивме со нив – информираше Шилегов.

Како идни активности на Градот во насока на зачувување на Водно, тој ги наведе: изработката на студија за туристичко-рекреативен центар Водно и маркирање на постојни планинарски патеки на Водно, како и изработка на мапа со тежина на рути и маркација со ГПС.

Од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ ја поздравија, како што наведоа, долгоочекуваната студија за валоризација на парк-шумата Водно и го повикуваат градоначалникот Шилегов истата да ја користи како „алфа и омега при изработка на бараниот Закон за Водно.

– Важноста на Водно за скопјани оваа студија очигледно не може да ја опфати. Водно претставува зона во која граѓаните на Скопје „бегаат од градот“, а упорно се спомнува некаква интеракција и доближување на градот до планината. Не, нам не ни е потребен лунапарк на планина, со едно чудо содржини и адреналински атракции. Потребна е една мирна оаза, во која скопјани би можеле да се релаксираат од напнатото секојдневие – велат од “Го сакам Водно“.

Оттаму забележуваат дека во студијата границите на парк-шумата Водно се намалени, односно од скоро 4.500 хектари површината е намалена на нешто повеќе од 3.900, на сметка на општина Сарај, општина Карпош, општина Центар, општина Сопиште, но и Матка. Тука е исклучен и Сончев Град, но и една од порано строго заштитените зони, од кој лавовски дел сега треба да потпадне под Матка – истакнуваат од „Го сакам Водно“.

Потсетуваат дека додека Законот е во изработка, беше најавен и план за пошумување на Водно, кое би требало да започне во ноември, но исто така дека со завршување на работите на гасоводот инвеститорите и изведувачите се должни пределот на кој е изведен зафатот да го вратат во првобитна состојба.

 

 

(А.П.)