Шар Планина прогласена за Национален парк

58

Пратениците во Собранието вчера со мнозинство од 66 гласа дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Со усвојување на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II, односно за Национален парк, нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и прв од прогласувањето на независноста.

Земајќи ги предвид специфичните природни убавини, богатиот и ендемичен растителен и животински свет, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики и пејзажните и пределните вредности, Шар Планина ги исполни критериумите да биде прогласена за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк. Историски момент, по шеесет години земјата доби нов Национален парк.

По тој повод премиерот Зоран Заев на Фејсбук објави дека со оваа одлука Владата спроведува континуирани политики за заштитата на природата, за зачувување на уникатните природни вредности, за заштита на специфичниот биодиверзитет и пределска разновидност, но и за отворање на нови можности за одржлив развој на локалната економија.

Шумите се наше природно богатство кое треба да го чуваме и за идните генерации и наша обврска е да ги заштитиме и да го зголемуваме на шумскиот фонд како клучна алка во борбата со последиците од климатските промени, додаде Заев во објавата.

Министерството за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, пак, оцени дека со донесувањето на Законот се отвораат нови можности.

Со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности, не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ. Им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат, наведе министерот Нуредини во писмена изјава.

Основната цел на законското решение е обезбедување на заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.

Зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните вредности, создавање поповолни услови за одржување, развој и унапредување на природните вредности, спречување на дејствија со кои посредно или непосредно може да се промени состојбата на природните вредности, одржување и управување на националниот парк, со цел заштита на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и регулирање на односот на човекот кон природата, заради зачувување на автентичната состојба на националниот парк, се конкретните цели на Законот.

Со законот се поставува основата за зачувување, унапредување и одржливо користење на природните богатства за научно истражувачка, културна, воспитно-образовна, туристичко-рекреативна и друга намена.

Вкупната површина на Националниот парк Шар Планина изнесува 54 215 хектари, што претставува 13,2 отсто од севкупната територија на Северна Македонија.

Во националниот парк Шар Планина се востановуваат следните зони: зона за строга заштита, зона за активно управување, зона за одржливо користење и заштитен појас.

Зона за строга заштита претставува дел од Националниот парк Шар Планина со највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики. Вкупната површина на зоната за строга заштита на националниот парк Шар Планина изнесува 17 978 хектари или 33,16 проценти од вкупната површина на паркот. Во зоната за строга заштита забрането e спроведување на активности со кои се загрозува изворноста на природата и нарушува природната рамнотежа.

Зоната за активно управување претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот. Во зоната за активно управување се опфатени најголем дел од значајните шумски екосистеми на Шар Планина, во прв ред зачувани букови шуми, шуми со смрча и ела или мешани шуми од зимзелени и листопадни видови, како и костенови шуми и некои рефугиијални шумски состоини. Зоната за активно управување зафаќа вкупна површина од 22 420 хектари или 41,35 отсто од вкупната површина на паркот.

Зоната за одржливо користење претставува значителен дел од заштитеното подрачје која не поседува високи вредности за заштитата, во која се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште. Зоната за одржливо користење опфаќа површина од 13 677 хектари или 25,23 проценти од вкупната површина на паркот.

Заштитниот појас е површина чија улога е да ги заштити зоната за строга заштита, зоната за активно управување и зоната за одржливо користење од заканите што потекнуваат надвор од заштитеното подрачје. Вкупната површина на заштитниот појас на Националнио парк Шар Планина изнесува 140 хектари или 0,26 отсто од вкупната површина на паркот.

Во однос на зонирањето, националниот експерт Анела Ставревска Панајотова од Интернационалната унија за заштита на природата нагласи дека биле земени повеќе аспекти за негово воспоставување, меѓу кои Законот за природа, светските стандарди за заштита на природата, карактеристичните пејсажи, живеалиштата и видовите, како и развојот на туризмот.

Во концепирање на зонирањето беше употребен и аспектот на развој на туризмот. Го консултиравме мастер планот за развој на Шапка, како ски-центар. Овој мастер план е изработен пред 10 години. Никогаш не заживеа, затоа што има политички интереси, лични интсереси, се јавуваат разни инвеститори. Не дошло време едноставно да заживее. Она што беше наша задача и како Министерство и како УНЕП да го ставиме во одредени рамки целиот тој развој. Се разбира дека сите сме свесни дека има потреба од развој, меѓутоа тој развој кога се работи за заштитено подрачје, мора да биде контролиран и развиен. Токму затоа одлучивме токму тој развој да го ограничиме во бафер зоната, наведе Ставревска Панајотова.

Таа нагласи дека покрај сите други аспекти за поставување на зонирањето на НП Шар Планина, биле консултирани и сите засегнати страни, врз база на кои била донесена одлуката.

– Размислувањето е да се подели развојот во одредени фази коишто ќе овозможат непречен развој, меѓутоа да не направиме премногу голем притисок врз природата, истакна Ставревска Панајотова.

Со ова, како што нагласи таа, Шар Планина всушност ја затвора сложувалката на заштитени подрачја на Балканот.

Сега поставуваме НП којшто треба да се консолидира и да почне да функционира првите 10 години. Понатаму во иднина верувам дека ваквото зонирање нема да пречи за понатамошен разовој. Историски чекор, не сме имале прогласување на национален парк шеесетина години и на институциите и на нас како експерти, целиот процес ни е нов и се обидуваме најдобро да го направиме и за природата и за локалното население, да го постигнеме тој баланс, рече Ставревска Панајотова.

Таа, во однос на проблемите кои постојат во тој регион, како дивата сеча, дивоградбите, дивите депонии и нерегулираните патишта, рече дека самото воспоставување на НП е интегрирано управување со одредено подрачје.

НП ќе има обврска да ги контролира и да ги задолжува сите они субјекти коишто работат на одредена проблематика. Ако развојот на илегалните градби се случува неконтролирано, ќе биде обврска на НП да разговара со Општината, да направи контрола, редовен мониторинг дали навистина тоа е планирано во градежните основи. Во однос на дивата сеча, за жал сите сме свесни дека постои во моментов. На територијата работат две продужници на ЈП Национални шуми, подружниците навистина се трудат да ги регулираат нелегалните активности меѓутоа не е ефектот задоволителен за сите нас и една од задачите на НП ќе биде да се справи со нелегалните активности. Не само со сечата туку и со илегалните активности врз дивиот свет и врз животните, посочи Ставревска Панајотова.

Таа наведе дека за жал има многу диви депонии, посочувајќи дека обврска на НП ќе биде и да ги турка институциите коишто ќе работат, Комуналното претпријатие за јавна хигиена, да се санира целиот тој отпад и да се регулира неговото одложување. Нерегулирано одложување на отпад, истакна таа, има во сите села на целата територија, една од основните обврски ќе биде и таа.

Фросина Пандурска од НВО „Пријателите на Шара“, наведе дека всушност, основната улога на НП е заштита на природа.

Она што ќе биде најглавен предизвик во иднина е да се искомуницира со тие триесетина села коишто влегуваат во паркот и на жителите да им се предочи дека ограничувања коишто драстично ќе им го променат начинот на живеење ќе нема, меѓутоа ќе треба да се навикнат дека не ќе може секој да гради во секој момент каде што ќе му текне, како што се случува сега, бидејќи на некој начин ова е одговорност и на самите Општини коишто немаат изградено урбанистички планови за руралните средини, истакна таа.

Пандурска посочи дека првенствено паркот треба да се грижи за мониторинг и заштита на природните ресурси во подрачјето.

– Секако треба да комуницира со локалното население, да постои тело на засегнати страни, за сите чекори што ќе ги преземе паркот. Меѓутоа самиот Национален парк ќе отвори можности да се забрза развојот и да се подобрат животните услови и на општинско ниво, што подразбира комунални услуги, подобрување на патната инфраструктира и така натаму, рече Пандурска.

Таа констатираше дека првите неколку години ќе бидат навистина предизвик за да профункционира управата.

Бидејќи првенствено треба да се обележат сите зони, да се објасни на локалното население каде почнува строга заштита, дали смее да се лови некаде, дали смее да се гради, дали смее да се сече дрва, а тоа ќе биде голем предизвик бидејќи тука веќе не зборуваме дали тоа тело управувачко ќе биде составено од 30 или 50 луѓе, туку зборуваме за ниво на свест,а таа свест се гради со години. Луѓето овде се навикнати да си користат дрво за сопствени потребни, некогаш тоа и да не го пријават во шумските подружници. Навикнати се да ловат и при тоа да не полагаат извештај, затоа што сите овие илегални активности ќе бидат предизвик за идната управа, нагласи таа.

Имено, со Националниот парк ќе раководи Јавно претпријатие кое ќе работи според планот за управување со НП „Шар Планина“.