Четврто порибување на Осломејско Езеро

165

Членовите на риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево по четврти пат извршија порибување на Осломејско Езеро, вештачка акумулација на пет километри од Кичево. По трите порибувања со крап и толстолобик, во езерото денеска се пуштени крупни примероци амур.

Координаторот на риболовно друштво„ Хантер Фиш“ од Кичево Мире Ночески, посочи дека за ова порибување средствата се обезбедени од три извори и тоа дел средства обезбеди самото друпшво, потоа риболовното друштво од струшко Ташмаруништа и скопско риболовно друштво „Модерен крапски риболов“, со што се обезбедени доволно средства за набавка на 280 килограми крупни примероци амур.

-Денеска го извршивме и четвртото порибување на Осломејското езеро со 280 килограми крупни примероци амур, риба која на нашиве простори не е така често застапена, а нејзиното потекло е од Русија, каде во реката Амур и е нејзиното природно живеалиште со константна температура од 20 степени целзиусови. Амурот во нашето езеро ќе се храни со трска, која ја има доволно за негова редовна исхрана. Натамошните порибувања ќе ги вршиме со поситна бела риба, за да можат спортските риболовци да уживаат во риболовот, рече Ночески.

За годинава се планирани четири риболовни натпревари на ова езеро, со учество и на странски екипи, со што Осломејско Езеро се етаблира и надвор од нашите граници.

Извор:МИА