Четворица кандидати за лидер во СДСМ, ќе има ли втор круг?!

88

Фросина Ременски, Димитар Ковачевски, Властимир Алексовски и Јован Деспотовски се четворицата официјални кандидати за претседател на СДСМ. Согласно Статутот, СДСМ го избира претседателот на партијата на непосредни, вонредни внатрепартиски избори. Со Одлука на Извршниот одбор, од 26 ноември, вонредните избори се распишани и ќе се одржат на 12 овој месец. Но, дали во прв круг ќе биде избран и новиот лидер на партијата?! Во јавноста се шпекулира дека ќе има наводно и втор круг, се со цел актуелниот лидер на партијата Зоран Заев, што подолго да остане на чело на партијата.

Деспотовски денеска последен ја достави својата кандидатура до Централната изборна комисија со програмата „Концепт 28“ во која, според него, основната цел е обезбедување на повисок квалитет на живот за сите наши сограѓани, а програмата нуди поинаков пристап во креирањето и во спроведувањето на политиките и мерките.

„Нудиме концепт во политиката што нема да поаѓа од „Кој“, туку од „Како“ и „Каков човек/луѓе“ ни се потребни. Концепт што, преку конкретни и мерливи резултати, ќе ја зацврсти СДСМ како водечка политичка организација во Северна Македонија и по следните парламентарни избори. Концепт што ќе обезбеди континуитет и квалитет во спроведување на современите вредности и прогресивните политики до 2028 година“, стои во програмата на Деспотовски.

Ременски и Ковачевски кандидатурите за претседател на СДСМ ги поднесоа во средата, а Алексовски во четвртокот.

Ременски со кандидатурата настојува да покаже дека политиката не е само машка работа и дека СДСМ може да победува со женска енергија, а таа очекува натпревар на умови и идеи.

„Драго ми е што оваа прва кандидатура внесе силна и решителна женска енергија во деновите на женскиот активизам кога сите ние се бориме против секаков вид на насилство, говор на омраза и дискриминација на жените воопшто, па и во политиката. Ќе покажам дека СДСМ може да победува со женска енергија и дека политиката не е само машка работа. Таа е повеќе од уметност на менаџирање со ставови и храбри идеи во кои жените се вистински мајстори и пионери. Очекувам натпревар на умови и идеи со цел која мора да ги надмине нашите партиски граници и ќе значи тежнеење кон доброто на државата и на граѓаните – единство и слобода помеѓу сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка, верска и било каква друга припадност“, напиша Ременски на својот фејсбук профил, образложувајќи ја кандидатурата.

Ковачевски ја достави програмата „Заедно, одговорно и посветено“ по што на својот фејсбук-профил напиша дека „во време на предизвици со кои се соочува македонското општество одговорно е да се преземе чекор, да се делува“.

„Да ја направиме СДСМ ефикасна, организирана и посветена на решавање на проблемите. Заедно, одговорно и посветено. Граѓаните бараат работа, решенија и многу одговорност. Tреба да извлечеме поуки и да направиме сериозни промени за да ја вратиме довербата, да го обединиме членството и брзо да се вратиме на победничка патека. За ова да го постигнеме мора да поставиме стручни и посветени луѓе на сите позиции кои ќе донесат вистинска промена и ќе работат одговорно. Верувам дека само вака ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, но и дека ние како држава можеме и умееме сами. Мој приоритет ќе биде домашната политика, ефикасно работење и реализација како и подобрување на економскиот стандард на граѓаните“, наведе Ковачевски.

Алексовски е член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово, а како што соопшти СДСМ, по анализирање на поднесената документација и утврдување дали апликацијата на Алексовски е согласно Правилникот и дали ги исполнува пропишаните услови, Централната изборна комисија ќе соопшти дали ја верификувала.

(И.С.)