Машката сениорска ракометна репрезентација остана без спортски директор, откако Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) ја потврди разделбата со Милчо Чакарески. Стружанецот на функцијата спортски директор дојде во 2016 година во времето кога селектор беше Ивица Обрван.

-Ракометната федерација на Македонија ја известува спортската јавност дека во координација со директорот на машките репрезентации Милчо Чакарески, заеднички донесоа одлука за прекин на досегашниот ангажман. Чакарески ја извршуваше функцијата спортски директор во период од март 2016 до септември 2019, поради персонални професионални ангажмани се повлекува од функцијата во стручниот штаб на машките ракометни репрезентации. – стои во соопштението од РФМ.

Од РФМ информираат дека во период кој следува ќе се одржи седница на ОУ на која ќе се назначи заменикот на Чакарески.