Професорот Љубомир Цуцуловски, коментирајќи го повикот на германскиот претседател Штајнмајер упатен во Собранието кон пратениците да гласаат за промена на македонскиот Устав, го праша: „Дали би го сменил Уставот на својата држава, бидејќи и во Германија има барем 3.000 Бугари?“

– Не кажа. Франк-Валтер Штајнмајер, претседател на Сојузна Република Германија, порача дека Македонија ќе треба повторно да го менува Уставот. Меѓутоа, не кажа што треба да се менува во него. Ако мислеше на Бугарите, тогаш редно е да каже дали би го менувал Уставот на својата земја, бидејќи и во неа има барем 3.000 Бугари – напиша Цуцуловски на Фејсбук.

Ваквата реакција предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи, каде што се наведуваше дека иако во Германија има многу малцинства, таа не ги внесува во Уставот, како што се бара тоа од Македонија. Истовремено, се потсетува дека претходно и германската канцеларка Ангела Меркел ни дојде во посета за да ни даде поттик за промена на уставното име на Република Македонија, како единствен услов за продолжување на евроатлантските интеграции.

 

Повод за реакцијата на Цуцуловски беше повикот на германскиот претседател Штајнмајер упатен кон пратениците во македонското Собрание дека „за патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор“, мислејќи на промената на Уставот.

– Свесен сум дека патот кон Европската Унија е сè, освен лесен, дека довербата и трпението во преговорите ќе бидат оптоварени, но мојата молба до вас, пратеници, но и до сите граѓани на Северна Македонија е да продолжите да чекорите по патот на пристапниот процес, и тоа решително, не скршнувајте на последните метри – порача Штајнмајер.

Протоколот со Бугарија и потребната уставна промена, како што посочи, ги засегаат македонските граѓани, бидејќи се работи за прашања од националниот идентитет, македонската историја, јазикот и културата.

– Мислам дека вие може самоуверено да ги водите овие дебати. Вие, луѓето на Северна Македонија, одредувате што ја сочинува вашата земја и вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како треба да изгледа во иднина – посочи Валтер-Штајнмајер.

 

На средбата со македонскиот претседател Стево Пендаровски, Штајнмајер потсети на низата тешки отстапки што ги направи Македонија, искажувајќи убедување дека сето ова на крајот ќе се исплати за државава.

– Јас сум многу свесен дека Северна Македонија, на својот пат кон ЕУ, беше конфронтирана со особени тешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа со Грција. Вие дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики, но, се разбира, само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија, ви благодарам. Јас сум убеден дека овој став на крајот ќе се исплати, ќе вреди – рече Штајнмајер.

Бугарија во обраќањето на германскиот претседател во македонското Собрание, според БГНЕС, виде повик да биде признаена бугарската етничка заедница во Македонија.

– Кандидатурата на РСМ за членство е попречена од спорот со Бугарија, кој може да го блокира проширувањето на ЕУ – процес кој бара едногласна согласност од сите земји членки. Предмет на спорот се историјата и културното наследство. За да се реши тоа, Македонија се обврза да го промени својот Устав, признавајќи постоење на етнички Бугари во земјата – потсетува агенцијата, додавајќи дека „пред да се појават несогласувањата со Бугарија, Македонија реши уште еден спор – со Грција, која, исто така, се закани дека ќе ја попречи нејзината кандидатура за членство во ЕУ“.

(И.С.)