Црна Гора: Кривокапиќ почнува разговори за формирање нова влада

26

Лидерите на црногорскиот Демократски фронт дадоа согласност на носителот на изборната листа на коалицијата „За иднината на Црна Гора“ Здравко Кривокапиќ да почне разговори околу формирање на идната власт со членовите од сојузот „Мирот е наша нација“ и „Црно на бело“, јави „Вијести“.

Подгоричкиот весник „Дан“, повикувајќи се на повеќе извори од победничката коалиција, јави дека денеска започнаа официјалните преговори за конституирање нова извршна и законодавна власт. Претставниците на трите коалиции кои обезбедија мнозинство во парламентот, истакнуваат дека се создадени сите услови за официјални преговори и дека дејствуваат во тој правец. Тие најавуваат дека до крајот на октомври ќе има целосно формирана влада.

Еден од лидерите на Демократскиот фронт, Небојша Медојевиќ за Н1 Србија изјави дека е најважно да се формира силна влада со јака политичка волја. Тој изрази надеж дека албанските и бошњачките партии ќе влезат во новата влада.

Црногорската „тројка“ – Здравко Кривокапиќ, Дритан Абазовиќ и Алекса Бечиќ потпишаа, како што беше оценето во Црна Гора, историски договор за принципите на новата црногорска влада што ќе го наследи Мило Ѓукановиќ по 30 години на власт.

Меѓу основните принципи на преамбулата на договорот: Коалицијата останува посветена на членството на Црна Гора во НАТО и евроинтеграциите, Деполитизација на клучните институции работа поради бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата, Грбот, знамето и химната нема да се променат и Нема повлекување на признавањето на Косово – тоа нема ни да се разгледува. Исто така, новата црногорска власт се согласи да нема реваншизам кон припадниците на поранешната власт, дека сите закони ќе бидат донесени или ревидирани согласно европските стандарди, а малцинските партии ќе добијат понуда да учествуваат во владата.