Паркот кај клупата на големиот македонски драмски писател Горан Стефановски (1952-2018) во Дебар Маало, утре со почеток во 17 часот, ќе биде осветлен и исполнет со неговите цитати на сите европски јазици. Присутните, пак, низ дружење и неформален разговор ќе се потсетат на моментите од неговиот живот и неговите дела, кои оставија големо културно наследство.

„Заедно ќе ги вклучиме светилките во паркот и симболично ќе му оддадеме почит на Горан, по повод 70 години од неговото раѓање. Паркот покрај ЛЕД и соларните светилки, ќе биде украсен и со рачно изработени сувенири од природни материјали. На секој од нив ќе биде испишана порака од последниот есеј на Горан Стефановски ‘Искрата што се измолкнува’, поместен меѓу кориците на ‘Идентитетот е приказна’ на Иван Антоновски: ‘Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ’рбетот на нашиот идентитет’. Сакаме да ја започнеме празничната атмосфера во срцето на Скопје, покрај неговите омилени дебармаалски култни места, проткаени со приказни, кои ќе останат за многу генерации по нас“, велат организаторите.

Преводите на цитатот на Горан, посочуваат, биле обезбедени во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, пријателите на Горан и колегите од Делегацијата на ЕУ.

„Чест ми е што на настанот ќе можам и да кажам некој збор за нашиот Горан, приказните и Европа… Да бидеме заедно, пораката од ‘Искрата што се измолкнува’ да ни даде нова светлина, во ново поглавје од нашата приказна…“, посочи Иван Антоновски, автор на ‘Идентитетот е приказна’ – книга која детално го анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски.

Настанот ќе биде придружен со тивка акустична музика од бендот „Amniotic Fluid“. (Д.Т.)