Организацијата Македонија2025 предлага реформски план за забрзан економски раст и нуди поддршка за неговото спроведување. Сетот на мерки во планот „Визија за забрзан раст“ се фокусира на три области и тоа: сеопфатна дигитализација на земјата, зајакнување на конкурентноста и искористување на потенцијалот на дијаспората.

– Во областа на дигитализацијата предлагаме мерки кои треба да овозможат граѓаните и фирмите да ги добиваат сите услуги и документи од државните институции по електронски пат. Ова значи целосна дигитализација на државните служби на централно и локално ниво, како и креирање систем за поддршка за дигитализација на микро, малите и средните претпријатија. Македонија2025 веќе се вклучи во реализација на една од овие мерки, преку основање на Центар за дигитална трансформација „Го Дигитал“, кој го ставаме на располагање за исполнување на целите во оваа област – рече заменик-претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Васко Кроневски.

Како што беше потенцирано на денешната прес-конференција, планот насловен „Визија за забрзан раст“се базира на „Платформата за просперитет“ што беше претставена во 2020 година, а чии фундаменти вклучуваат: Нулта толеранција за корупција, преку транспарентност, систем базиран на заслуги и лична одговорност; Континуиран раст на БДП над 5% годишно, преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија; како и квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ. А се со цел, подобрување на квалитетот на животот во Македонија.

Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Македонија2025 рече дека Македонија се соочува со силни развојни предизвици на локално, регионално и на глобално ниво, чија сложеност и неизвесност, заедно со бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, повикуваат на сеопфатна, интензивна и темелна акција во претстојниот период.

– Токму ваквите состојби нѐ мотивираа да се посветиме на креирање на конкретни мерки со кои сакаме да ги поттикнеме сите чинители во општеството, да преземат одлучни активности за нивна имплементација – рече Мојсоска-Блажевски.  

Ко-основачот на Македонија2025, Мајк Зафировски нагласи дека покрај финансиска поддршка, организацијата ќе ги засили лобистичките напори во САД, ЕУ и кај соседните држави за да обезбеди поволни исходи за Македонија.

– Ќе ја поддржиме дигитализацијата на земјата и ќе ангажираме искусни експерти во областите на креирање развојни и антикорупциски политики. Подготвени сме да соработуваме со сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги и политичките партии, во остварување на овие цели кои ќе ни овозможат заедно да изградиме посилна нација – сега и во годините што доаѓаат – истакна Зафировски.

Говорејќи за мерките во Планот кои треба да овозможат јакнење на конкурентноста на македонската економија, членот на Одборот на директори на организацијата Живко Мукаетов потенцираше дека динамиката и обемот на економскиот раст на нашата земја директно зависи од тоа колку и што извезуваме.

– А, за да можеме да се надеваме на зголемување на извозот неопходно е веднаш да се зафатиме со намалување на непотребниот бирократски товар за извозниците и регулативата која не само што не им помага, туку и ја намалува нивната конкурентска позиција – рече Мукаетов.

Членот на Одборот на директори на организацијата, Виктор Мизо, посочи дека земјата мора да привлече и нови инвестиции од странство, а за тоа треба да се изградат и ефикасни агенции кои навистина ќе им овозможат брзо да ги реализираат своите инвестициски проекти во нашата земја.

За третиот сет мерки од планот треба да овозможат подобро искористување на потенцијалот на дијаспората, говореше членот на Одборот на директори на М2025 Боријан Борозанов, кој меѓу другото рече дека Македонија се соочува со силни емиграциски движења и намалување на бројот на населението, што предизвикува се поголем недостиг на работна сила, појава која веќе е пречка за економскиот развој на земјата.

– Едно од решенијата за ваквиот сериозен предизвик е да се креираат можности со кои ќе се олесни повратот на иселениците во нивната татковина. За тоа ние како организација нудиме конкретни мерки и политики кои државата може веднаш да ги спроведе – нагласи Борозанов.

Во пресрет на претстојните избори организацијата ќе им го претстави планот на релевантни чинители во општеството, со цел мерките што се содржани во него да станат дел од вкупната развојна агенда на земјата во следниот период.