Хрватски искуства за добивање европска помош за селектирањето на цврстиот отпад

101

Искористувањето на средствата од европските фондови за решавање на проблемот со депонирањето и третманот на цврстиот отпад беше главна тема на работната средба на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев со неговиот колега Дубравко Билиќ, градоначалник на хрватската општина Лудбрег.

На средбата на која присуствуваше и директорот на јавното комунално претпријатие „Водовод“, Андреј Киров се разговараше за воспоставување меѓусебна соработка и пренесување на позитивните хрватски искуства во добивањето финансиска помош од фондовите на ЕУ. Фокус-тема беше начинот на селектирање на отпадот, за кој градоначалникот Билиќ истакна дека станува збор за долг процес којшто меѓу другото мора да опфати и јавна кампања за менување на навиките на граѓаните.

-Заклучивме дека селектирањето на отпадот и неговото депонирање на соодветен начин е единственото решение за намалување на загадувањето на животната средина. Планираната изградба на регионалната депонија за источниот и североисточниот плански регион ја наметнува и потребата за селекција на отпадот, за што искуствата на нашите хрватски колеги се добредојдени- истакна градоначалникот Илијев.

Заклучок од средбата е дека воспоставената соработка на Кочани со хрватскиот Лудбрег и бугарската општина Пештера преку проектот за изработка на стратешки документ за климатските промени е добра основа таа да се прошири и во третманот на отпадот, за што можат да се добијат средства од европските фондови.

Според градоначалнико Илијев, во Кочани веќе е започната постапка за прибирање податоци и за изработка на анализа за што поскоро отпочнување со селекција на цврстиот отпад.