Храна се фрла со тони, а секое трето дете во Македонија е гладно

154

Речиси половина милион луѓе во државава мака мачат да се прехранат, а секое трето дете е гладно во услови кога тони храна завршуваат во контејнер. Од Асоцијацијата „Сите сити“ денеска организираат акција за собирање на не лесно расиплива храна која очекуваат да ја донираат граѓаните од Скопје, Велес, Битола, Штип, Кочани и Гевгелија на штандови што ќе бидат поставени пред поголемите маркети

 

Речиси половина милион луѓе во државава мака мачат да се прехранат. Според Државниот завод за статистика, проблем да обезбедат храна имаат 445.099 луѓе кои јадат, во просек само еден оброк дневно, а тоа значи дека на секој четврти граѓанин во државата му се ограничени  можностите да ги има сите оброци во текот на денот. При тоа, секое трето дете е гладно.

Овие поразителни бројки беа соопштени на денешната прес конференцијата на асоцијацијата „Сите сити“, по повод четвртата националната хуманитарна акција „Нахрани 10.000“ , чија цел е токму на граѓаните да им се даде можност да донираат 10 тони храна до нивните сограѓани.

Како што информираше Блаже Јосифовски, претседател на асоцијацијата „Сите сити“ која е организатор на акцијата, таа ќе се одржи утре од 10 до 18 часот на 19 локации во шест градови: Скопје, Велес, Битола, Штип, Кочани и Гевгелија.

– Препорачуваме сите хумани граѓани да донираат не лесно расиплива храна: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук – информираше Јосифовски.

Пред големите маркети во шестте града ќе бидат поставени штандови каде ќе може да се остави донираната храна, волонтерите ќе им објаснат на граѓаните се во врска со акцијата и ќе им дадат листа со намирниците кои што ќе можат да ги донираат и кои се најпотребни.

Во Скопје штандови ќе има пред маркетите „Тинекс“ на Јужен булевар, во Гази Баба, во Зебра, на улицата „Борис Трајковски“ во Кисела Вода, пред Драмски, во Драчево пред маркетот „Зур“ до 14 часот и пред маркетот „Гиго“ до 20 часот, пред маркетот „Гиго“ во Радишани, пред трговскиот центар „Капитол мол“, пред маркетот „Веро 2“ во Тафталиџе и пред „Веро-џамбо“.

– Организираните членки на „Сите сити“ водат евиденција на различни категории на социјално загрозени граѓани, кои имаат потреба од храна. Храната ќе се пресенува во вид на неделни/месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе ја подигнуваат, додека дел ќе се носи до нивните домови, пред се на оние во руралните средини – објасни Јосифовски и додаде дека не е срамно да се нема, битно е да има некој рака да ти подаде кога ти е најпотребно.

Податоците со кои располагаат организаторите за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени директно од Државниот завод за статистика во однос на просечни примања по четиричлено семејство во Македонија. Кога ќе се распредели во денови и оброци, а при тоа се спореди со цената на чинење на еден нутритивен оброк, определена од Министерството за труд и социјална политика, 1 од 5 луѓе во Македонија не може да си ги дозволи сите оброка во текот на една година.
(А.П.)