Само фестивалите ќе преживеат иако 50 отсто од естрадата веќе е на коленици. Сепак, Владата пак треба да помогне на оние на кои навистина им треба помош, а не на оние кои возат скапи автомобили. Треба итни построги критериуми зашто тие пари се сепак народни и очекувам повнимателно делење на финансиите, вели Нечовски за весникот Вечер

Еден е од нашите најплодни хит-мејкери, популарен, вреден и секогаш актуелен автор на голем број музички хитови, особено познат по хитот “Не кани ме“ со Миле Кузмановски, и сега во време на корона не седи со скрстени раце. Позната е и неговата плодна соработка со кралицата на музиката Есма Реџепова. Тој е и татко на популарниот Илчо од групата “Дупер“ за кој ќе каже искрено дека “на Илчо не му е многу драга музиката која тој ја работи, зашто генерацискиот јаз е нормална појава.
– Мене како негов татко ми е многу мило што „Дупер“ за кусо време успеа да има голем број фанови, вели.

Нечовски пред некое време ја напиша и хит песната “Животот нема боја“ која ја пее популарниот српски пејач Драган Којиќ-Кеба. Во разговорот за весникот Вечер открива многу интересни работи врзани за естрадата која иако е сега во лоша ситуација вели дека не губи надеж, па уште отсега ексклузивно за нашиот весник најавува обновување на некогаш многу популарниот фолк-фестивал “Прилепски фолк фест“, веќе со почетокот на 2021 година.

-Редно беше да се обнови тој фестивал кој изроди многу македонски хитови, на него настапуваа сите македонски музички ѕвезди, а ова го најавувам за прв пат вака јавно само за читателите на ВЕЧЕР. Затоа што знам сигурно од нашата долгогодишна соработка, дека тоа ќе биде радосна вест за читателите во целото ова сивило кое со месеци нè следи, вели секогаш добро расположениот Нечовски.

0 И покрај твојот неуништлив оптимизам, не верувам дека имаш некои добри вести за естрадната ситуација во оваа пандемија?
-Во право си. Ситуацијата на естрадата е на најдолно ниво. Не само кај нас, туку насекаде низ целиот свет. Овој бизнис е тешко погоден поради короната. Пандемијата всушност ни покажа колку сме неорганизирани како фела особено ние овде во Македонија. Ниту сега после некои девет месеци сè уште нема иницијативи за организација на повисок степен. Сè се одвива онака стихијно, нешто како иди ми, дојди ми, снајди се ако можеш.

0 Каков би бил според тебе резултатот, исходот?
-Резултатот ќе биде застрашувачки. Не дека ве плашам, но така гледам. Ова е само почеток. 50% од естрадата веќе е на коленици. Следната година, барем до лето не гледам можност за подобрување на ситуацијата со оглед на тоа дека вирусот лесно се пренесува токму така во гужвите на концерти, на забави, на журки, особено на свадби. За утеха е единствено тоа дека фестивалите ќе преживеат, би можеле да се организираат со сите здравствени протоколи, веројатно без публика или со малку публика на отворен простор или онлајн, ама барем тие ќе ги има. Нема да тапкаме во место, нови песни и кога е најтешко мора да се создаваат. Не можат до века да стојат по фиоките.

0 Имаш некои нови проекти и во овој период?
-Моментално работам на неколку проекти во земјава како и за (домашно) странство во Србија и Бугарија. Тука Владата треба пак да помогне на оние на кои навистина им треба помош, а не на оние кои возат скапи автомобили. Треба итни построги критериуми кон помошта бидејќи тие пари се сепак народни и очекувам повнимателно делење на финансиска помош. Инаку, јас сум автор кој со сите пејачи соработува, сите ми се драги. Не можам да одвојам некој, да не се налути тој што не би го спомнал, а списокот е долг. Голем мерак ми е кога ќе ме одберат токму мене да им ја напишам песната.   Дуле МИЌИЌ