Филм: „Токио-Га“ – низ камерата на Вендерс

61

На 3 ноември, од 20 часот, во Кинотека ќе се прикаже германско-американскиот документарен филм „Токио-Га“ во режија и по сценарио на Вим Вендерс, а со учество на Чишу Риу, Вернер Херцог, Јухару Ацута.

Инспириран од филмското наследство на јапонскиот режисер Јасуџиро Озу, Вендерс патува во Јапонија во потрагата по она Токио од филмовите на Озу. Во овој документарен филм, наградуваниот режисер и продуцент комбинира инсерти од еден од неговите омилени режисери со сликите од Токио 30 години подоцна – сега бучен метрополис полн метеж – во обид да открие каде вистинскиот свет и светот на филмот (можеби) се пресекуваат.

Вендерс ги интервјуира верниот камерман на Озу, Јухару Ацута и еден од неговите омилени актери кој игра во повеќето од филмовите на Озу – Чишу Риу. И додека се обидува да го преоткрие Токио низ очите и низ камерата на Озу, Вендерс открива еден нов Токио низ Пачинкото, голферите на градските покриви, неонските светла во Гинза, бејзбол игрите на гробиштата и восочната храна во излозите на рестораните на овој Токио од 80-тите.

Две „Приказни од Токио“, на двајца режисери кои се запознаваат токму упатувајќи го погледот/камерата кон истиот град. Филмот беше прикажан во рамките на програмата Извесен поглед на Канскиот филмски фестивал во 1985.