Филипче: Се разгледуваат нови рестриктивни мерки, како носење маска на отворено

69

Министерот Венко Филипче ги објасни дел од мерките кои ќе бидат разгледани на владината седница. Тој во вестите на Телевизија Телма појасни дека преку консултации со Комисијата за заразни болести на седницата ќе се зборува за забрана за гостување на пејачи во сите угостителески објекти, потивка музика, гостите да седат на поголема дистанца, и бројот на луѓето наместо 12 луѓе на една маса да биде 4.

„Имавме консултации и денеска со Комисијата за заразни болести и сакаме да ја искористиме оваа седница за пред владата да ги предложиме новите мерки“, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче рече дека освен скратување на времето на работа, се разгледувале и рестриктивни мерки за целосна забрана на јавни собири, како и носење на маски на отворено.

Филипче рече дека е во секојдневна комуникација со членовите на Комисијата за заразни болести и тврди дека бројот на слободни мести во болниците е сосема доволен за новозаболените пациенти.

Според последните здравствени извештаи најголем процент на заболени се на возраст меѓу 20 и 40 години. Министерот Филипче потврди дека и целосна забрана на јавни собири е мерка која се разгледувала.