Фетел ќе биде жртва на новата генерација

46

Пилотот на Ферари, Германецот Себастијан Фетел, во иднина ќе биде жртва на новата генерација во Формула 1, предводена од неговиот тимски колега Шарл Леклер. Ова е мислењето на познатиот холандски рели шампион и Формула 1 коментатор, Том Коронел. Тој се сомнева дека четирикратниот светски шампион ќе успее да се рехабилитира по загубената титула минатата година.

Минатата сезона Ферари за првпат го достигна нивото на Мерцедес и во првиот дел од шампионатот болидот беше дури и побрз. Само тимските грешки, но и на Фетел, беа причина Скудериа повторно да се “сопне#, а Британецот Луис Хамилтон тоа знаеше да го искористи на најдобар начин, на кој ја одбрани титулата во најбрзиот циркус на денешницата.

Според Коронел, нервозата кај Фетел продолжува да расте, а во новата сезона ќе му недостасува и поддршката од Кими Раиконен, кој оваа сезона ќе вози за тимот на Заубер.

– Започнува период во кој доаѓа една нова генерација. Фетел повторно загуби во шампионатот и едноставно е скршен поради тоа. Сигурен сум дека тој нема да успее да го надмине ова, а се надевам дека Ферари на двајцата пилоти ќе им даде еднакви услови за тркање. Она што Леклер го покажа во текот на минатата сезона беше апсолутна класа, дури и редовно освојуваше бодови. Се разбира, Заубер користеше мотори на Ферари, а Шарл знаеше да ја искористи оваа предност, истакна Коронел.
Новата сезона во Формула 1 започнува на 17 март со трката за Големата награда на Австралија.