Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет традиционално во изминатите 16 години од своето постоење им овозможува на студентите да ги презентираат своите модни концепти и колекции пред јавноста преку модни ревии, изложби и фото едиторијали.

На првиот Graduation Fashion Show во Градскиот парк Скопје во сабота, 25 јуни 2022 во 20.30 часот Факултетот ќе се претстави со селекција на креации од седум студенти од насоката моден дизајн од првиот циклус студии и дипломците.

На ревијата тие ги прикажуваат финалните модели кои произлегуваат од процесот на дизајнирање, почнувајќи од формирањето на темата на колекцијата, истражувањето, модните илустрации и техничките скици, изборот на бои и материјали, изработка на облеката.

Преовладуваат теми поврзани со деконструкција, одржливост, екологија, рециклирање, поп-арт, оп-арт и други. Концептите се работени под менторство на професорите проф. д-р Јана Манева – Чупоска и проф. м-р Маја Ѓуреска.

На ревијата ќе се претстават: Фазиле Халили, Стефанија Станковска, Меланија Георгиевска, Ѓоре Петрушев, Артина Домазет, Ивона Пановска и Стефанија Фидановска.