УСЈЕ доби награда за “Компанија предводник на целите за одржлив развој 2019”

95

Цементарница УСЈЕ е добитник на наградата „Компанија предводник на целите за одржлив развој 2019“ од проектот „Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој“, финансиран од ЕУ, а спроведуван од невладината организација „Конект“. Ова признание УСЈЕ го добива за своите активности во спроведувањето на принципите на Глобалниот договор на Обединатите нации во сите свои деловни практики, а особено во областите дефинирани со Договорот – добро здравје и благосостојба, одговорна потрошувачка и производство, заштита на животната средина и партнерство за остварување на целите на Глобалниот договор.

– Компаниите, бизнисите и поединците, каде и да се наоѓаат и во која област и да делуваат, можат да одиграат клучна улога во подобрувањето на светот во кој живееме. Цементарница УСЈЕ ги воведува овие принципи во сите сфери од своето делување – и внатрешно, во компанијата, и надворешно, кон своите партнери, па немаше дилеми дека токму УЈСЕ треба да биде меѓу првите носители на ова признание во земјава“ – беше речено на инаугуративната церемонија на доделувањето на наградите.

Од 2015-та година УСЈЕ ја усогласи својата стратегија за одржлив развој со Целите на Обединетите нации 2030 и ги применува во своето секојдневно работење.

– За нас, во УСЈЕ, одржливиот развој не е прашање на кампањски активности во одреден рок и задоволување на нечии барања и принципи, туку развој на наша внатрешна култура на преземање активна одговорност за градење подобар свет од страна на менаџментот, но и на секој наш вработен. Таа култура се стремиме да ја шириме и кај нашите надворешни соработници и во пошироката заедница, затоа што одржливиот развој не е ништо друго, туку грижа за развој на општеството во целина, за добросостојбата на луѓето и на нивните семејства – изјави на церемонијата менаџерката за човечки ресурси и општествена одговорност на Цементарница УСЈЕ, Магдалена Славејкова.