Уставот ќе се отвори кога ќе се затопли: Дали времето се купува со пари?!

Иако беше најавено дека процедурата ќе почне овој месец, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели, постапката ќе почне во јуни или во јули. Крајните рокови за формирање на текстот на предлог- измените на Уставот со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата може да бидат во летните месеци, односно во јуни или јули, брифира собранискиот претседател, по што е потребно да помине најмалку еден месец за усогласување за веќе во септември да се отвори јавна дебата на собраниска седница. Евентуалното гласање на уставните измени треба да заврши до ноември, што би се поклопило со завршувањето и на скринингот на Европската Унија. Вметнувањето на Бугарите во Преамбулата е услов кој произлегува од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на македонскиот пат кон ЕУ

690

Власта ќе купува уште време за да дојде до потребното мнозинство за уставни измени. Иако беше најавено дека процедурата ќе почне овој месец, претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели, постапката ќе почне во јуни или во јули. Крајните рокови за формирање на текстот на предлог- измените на Уставот со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата може да бидат во летните месеци, односно во јуни или јули, брифира собранискиот претседател, по што е потребно да помине најмалку еден месец за усогласување за веќе во септември да се отвори јавна дебата на собраниска седница. Евентуалното гласање на уставните измени треба да заврши до ноември, што би се поклопило со завршувањето и на скринингот на Европската Унија. Вметнувањето на Бугарите во Преамбулата е услов кој произлегува од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на македонскиот пат кон ЕУ.

Џафери смета дека избори нема да го решат проблемот со двотретинско мнозинство за уставни измени, само ќе го комплицираат целиот процес. Порачува дека за договор, власта и опозицијата треба да седнат да разговараат.

– Јас можам да распишам избори само во моментот кога ќе се согласат политичките партии да се распушти Собранието или кога ќе заврши мандатот во последните 90 дена. Во други услови, партиите треба да излезат со соодветен предлог – рече Џафери.

Ако се суди по реториката во последниве неколку месеци наназад, и понатаму е невозможно власта и опозицијата да најдат заеднички  јазик кога се промените во Уставот во прашање. Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, и во своето најново интервју потенцира –  никој нема добиено мандат на избори да го менува Уставот. Според него, на последните избори, ниту една политичка партија не го претставила тоа како план во својата програма. Токму затоа Мицкоски смета дека предвремените избори се единствениот начин граѓаните да кажат што мислат и во кој правец треба да се движи Македонија во наредниот период.

– Според последното истражување на јавното мислење, околу 60 отсто од луѓето не се задоволни од работата на Владата и нејзините политики. Не се задоволни од економијата, владеењето на правото и исполнувањето на европските критериуми. Ова е дотолку повеќе што треба да имаме избори за одлучување за нова Влада, која ќе добие мандат од граѓаните да решава проблеми и предизвици. Во спротивно, Македонија губи време. Доколку не се одржат избори, ние, како држава, нема да видиме ништо поразлично од она што го гледаме последниве пет-шест години додека оваа Влада на СДСМ ја води државата – вели Христијан Мицкоски во интервју за српска „Политика“.

Мицкоски вели дека Македонија треба да ја насочи целата своја енергија кон исполнување на европските стандарди. Само тоа била промената што ќе го подобрела животот на граѓаните и ќе ја приближела земјава кон Европа. Притоа додава дека европската интеграција на која било земја, сепак, не треба да биде условена од субјективни политички критериуми, туку од општи и објективни критериуми, кои треба да важат за сите. Според него, непринципиелноста може да доведе до фрустрација и апатија кај граѓаните. Токму затоа тој смета дека пред Македонија има сериозен предизвик, да се справи со борбата против организираниот криминал, владеењето на правото, економските и социјалните прашања, кои треба да нè доближат до европските вредности.

Во исто време, Собранието и натаму „кубури“ со кворум, претседателот се бори со неговата функционалност, а власта е во трка по пратеници за да се зголеми мнозинството.

Премиерот Димитар Ковачевски, пред два дена, на средба со коалициските партии од владејачката коалиција, го презентираше планот за окрупнување на мнозинството. Засега е неизвесно дали и Алијанса за Албанците ќе добие фотелја на „Илинденска“.

Епилогот од преговорите, најверојатно, ќе биде познат следната недела, а тоа го очекуваат и партиите од владејачката коалиција.

– За нас, за сè што значи движење на брзиот воз на Европската Унија и европска агенда, ние даваме поддршка, меѓутоа кога влегувате во една коалиција, мора да знаете кои ќе бидат програмските цели на таа коалиција, за што ќе се залага таа коалиција и која е целта. Досега, јас не сум слушнала ниту една партија да се огради дека не е за тоа и сите имаме иста цел, но имаме различни гледишта во поглед на решенијата и одлуките како да се стигне до таа цел. За ЛДП, секогаш ќе биде важно какви идеали ќе дели таа коалиција и која програма ќе се застапува, и од тоа ќе зависи дали ќе ѝ даде поддршка или не на таа коалиција – вели претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Во однос на поддршката за уставните измени, Зајкова вели дека одговорноста за нивно гласање е индивидуална на секој пратеник.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, предлага ДУИ, која, според него, има потреба од нов партнер, да се откаже од две министерски места.

– Ако се прави владина реконструкција, г. Ахмети нема контрола врз својата пратеничка група и наместо 15-мина пратеници колку што имаше, сега има 11-мина или 10-мина, што значи дека тој треба да отстапи места. Не знам Алтернатива како ќе ги прифати тие работи – вели Трајанов.

Трајанов додава дека се неприфатливи тезите со поделби дека тие што се за уставни измени се за европски пат на државата.

Доколку Алијанса и Владата се договорат, се очекува парламентарното мнозинство од 64 да се зголеми на 72 пратеници, кои нема да бидат доволни за мнозинство за уставните измени, бидејќи ќе бидат потребни уште осуммина пратеници.