УСВОЕН НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКРШОЦИ: Казните за граѓаните и фирмите намалени до 75 отсто!

1442

Собранието го усвои новиот Закон за прекршоци со кој се става крај на драконската казнена политика бидејќи со најновото законско решение казните се намалуваат и до 75 отсто. Со новиот Закон за прекршоци, казните за физички лица ќе изнесуваат од 15 до максимални 250 евра, наместо досегашните максимални 1.000 евра. Минималната глоба за малите фирми, според новиот закон, ќе биде 50 евра, а максималната 2.000 евра, што е намалување за два и полпати во споредба со стариот закон кога максималната глоба изнесуваше 5.000 евра


Собранието го усвои новиот Закон за прекршоци со кој се става крај на драконската казнена политика, бидејќи со најновото законско решение казните се намалуваат и до 75 отсто.

Со новиот Закон за прекршоци, казните за физички лица ќе изнесуваат од 15 до максимални 250 евра, наместо досегашните максимални 1.000 евра.

Минималната глоба за малите фирми, според новиот закон, ќе биде 50 евра, а максималната 2.000 евра, што е намалување за два и полпати во споредба со стариот закон кога максималната глоба изнесуваше 5.000 евра.
За првпат се прави градација меѓу малите, средните и големи претпријатија и се воведува нов столб на казнената политика изрекување опомена пред казна.

Опомената ќе се изрекува ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишаната обврска или е нанесена штета, а сторителот пред донесување на одлуката за прекршок ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или надоместил штетата.

Целта на новото законско решение е првенствено намалување на прекршочните глоби и подобрување на ефикасноста на прекршочната постапка.

Донесувањето на новиот закон за прекршоци уследи откако се утврди дека со постојниот закон не само што не дојде до намалување на глобите кои можат да ги изрекуваат прекршочните органи, туку на одредени места истите дури и беа зголемени.

Имено по тригодишен период на примената на Законот за прекршоците се утврди дека исклучокот за пропишување на повисоки глоби од рамките утврдени во Законот за прекршоци стана правило.

Со новото законско решение се очекува подобрување на ефикасноста на прекршочната постапка, додека изрекувањето на опомена пред да биде изречена глоба се воведува како правило. Најголема промена се воведува со неколкукратно намалување на висината на глобите преку утврдување на точен распон на висината на прекршочните глоби и усогласување на сите материјални закони во правец на нивно усогласување со предвидената висина на глобите во Законот за прекршоците. Исто така во законот за првпат се прави јасно разграничување помеѓу административните и судските прекршоци.

Со новиот закон се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците, и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите и прекршочните органи.

Законот содржи 135 члена групирани и систематизирани во седум дела и 18 глави.