Урбаната опрема на Китино кале континуирана цел на вандали

31

Проектот за комплетна ревитализација на Китино кале не е завршен, а урбаната опрема поставена со овој проект, стана континуирана цел на вандали. Најчесто во вечерните и ноќните часови несовесни граѓани го посетуваат калето, како што се чини, со единствена цел да ја оштетат оваа опрема, поставена за доброто на сите граѓани на Кичево.

Граѓаните се револтирани и бараат од Општината да ангажира континуирано обезбедување на Калето, за да можат да се спречат овие појави.

-Сè уште не можеме да го дочекаме крајот на проектот за ревитализација на Китино кале, а може да забележиме како урбаната опрема во повеќе делови од калето е оштетена. Ни тие самите не знаат зошто го чинат тоа и на кого добро ќе му дојде уништената опрема. Барем едно место во нашиот град да наликува на убаво уреден простор, но после вакви појави и калето ќе почне да наликува  на запуштено место. Единствено би препорачал до локалната самоуправа да ангажира 24-часовно обезбедување, и се чини дека само на тој начин може да се спаси опремата од натамошно уништување или кражби – вели Оливер Донески, граѓанин на Кичево.

Инаку, за само неколку месеци повеќето корпи за ситен отпад се оштетени, на клупите се испишани разноразни имиња и симболи, оштетени се плочките на фонтаните и извадени се капаците од канделабрите за електрична струја, кои не можат да бидат во функција бидејќи се извадени осигурувачите, а висат жиците што можат да предизвикаат некој љубопитен граѓанин или дете тешко да настрада.