Убава вест од заливот на пингвините – Стискаме палци за бебиња пингвинчиња

49

Убава вест од заливот на пингвините во скопската Зоолошка градина. Дел од овие прекрасни птици изведоа јајца и сега се постојано во своите гнезда каде лежат врз потенцијалните бебиња.

– За да ја зголемиме шансата да имаме за првпат малечки од овој вид, не сакаме да ги вознемируваме и да го чистиме базенот во наредните две недели. Водата е зелена поради сонцето и создавање на алги, но е исправна технички и микробиолошки, а пречистителната станица постојано функционира – информираат од ЗОО-Скопје.

На женките од овој вид им требаат многу камчиња за да изградат убаво гнездо за своето семејство. Па кога им требаат нови камчиња, го добиваат од мажјаците.

– Овој вид на птици е загрозен и е на црвената листа на видови во исчезнување, а со доаѓањето на свет на малечките ќе придонесеме во продолжување на видот – истакнуваат од ЗОО – Скопје.  

Оттаму апелираат до посетителите да не тропаат по стаклата и да не фрлаат храна во базенот и живеалиштето на пингвините, но и на другите животни.

– Повеќе нека патролираат чуварите. Кога и да ја посетиме Зоолошката, постојано сме сведоци на малтретирање на животни од страна на несовесни посетители, меѓу кои и деца. Последниот пат, пред две недели, ги малтретираа козите тегнејќи ги за рогови преку оградите. Инаку, секоја чест на ЗОО – Скопје за вашите заложби за бебињата пингвини – вели Марина Николова.

(С.Бл.)