Уапсен човек кој се обидел да влезе во австрискиот парламент со мачета

40

Полицијата уапсила 33-годишен Австриец откако се обидел да влезе во парламентот вооружен со мачета, тврдејќи дека сакал само да разговара, пренесува „Кронен цајтунг“.

Инцидентот се случил во вторникот наутро во Балхаусплац, пред официјалните канцеларии на австрискиот канцелар Себастијан Курц, а човекот бил приведен откако прашал случаен минувач како да стигне до парламентот.

Австрискиот парламент беше преместен во палатата Хофбург подолу од Канцеларијата на канцеларот во 2017 година, поради реновирање во историската зграда на австрискиот парламент, што се очекува да заврши до крајот на летово.Откако разговарал со човекот, минувачот ја известил полицијата за неговото чудно однесување. Полицијата потоа се приближила до човекот, му ја одзела мачетата и го уапсила.

Портпаролот на полицијата, Даниел Форст, рече дека истражителите немаат податоци за мотивот за постапките на 33-годишниот човек, но напомена: „Немаше закана за работата на парламентот“. За човекот се вели дека е австриски државјанин.

Очевидци тврдат дека камионот кој му припаѓал на човекот имал регистарска табличка од Долна Австрија, а во него била пронајдена и хартија со електронската адреса на парламентот.

Апсењето доаѓа само неколку дена по протестите против режимот на ограничено движење поради пандемијата со коронавирус во Виена, во кои десетици луѓе се собраа во Албертанаплаз во петокот, а уште еден протест ќе се одржи в сабота.

Дополнителни протести се организирани за 1-ви мај, вклучувајќи го и протестот на Студентскиот сојуз на австрискиот универзитет на кој се очекуваат 500 учесници. Иако настаните со многу народ се забранети според мерките, Австрија почна да се отвора во последните неколку недели, а трговските центри и другите бизниси добија дозвола да отворат со почитување одредени мерки за социјално дистанцирање и маскирање.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц најави дека неговата влада ќе почне со олеснување на режимот за ограничено движење на 14 април.