Тупанчески: На бизнисот му се потребни стабилно и превидливо деловно опкружување, независно и транспарентно судство

20

Бизнисот секогаш бара правна сигурност, стабилност и континуитет, а еден од основните предуслови е да функционира владеењето на правото, истакна министерот за правда, Никола Тупанчески на панел-дискусијата на тема „Владеење на правото за економски раст“.

Како што пренесуваат од Министерството за правда, осврнувајќи се на развојот и соработката на Македонско-Германското стопанско здружение, Тупанчески посочил дека на бизнисот му се потребни стабилно и предвидливо деловно опкружување, ефикасни институции, независно и транспарентно судство.

Според нив, довербата во институциите е од клучно прашање и затоа треба да се преземат низа мерки, активности и промени кои ќе придонесат да се зајакне довербата во државата, но и во судството. Еден од инструментите за зајакнување на довербата на граѓаните во судството и правната сигурност на компаниите, наведуваат, е зголемување транспарентноста во работење на судовите.

– Министерството за правда во последните измени на Законот за судовите и на Законот за судски совет, се раководеше меѓу другото и од овие постулати, сè со цел да се обезбеди владеење на правото и воедно да ја зајакне правната сигурност на граѓаните и компаниите во судскиот систем. Подобрување на бизнис климата ќе се овозможи и со процесот на дигитализација на судството. Со неа ќе се забрзаат постапките на сите нивоа, ќе се намали корупцијата, ќе се олесни доставувањето на докази и документи, а ќе се подобри и комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции, рекол Тупанчески.